И по три години од трагедијата во модуларната болница во Тетово сè уште фалат одговори и одговорност

На денешен ден кога Македонија одбележува 33 години од самостојноста, се навршуваат три години од една од најголемите трагедии што во овој период и се случија на земјата. На 8 септември 2021 година изгоре модуларната болница во Тетово, која беше отворена за згрижување и лекување пациенти болни од ковид-19, епидемија која тогаш беше во замав.

Првите информации дека нешто лошо се случува во Тетово почнаа да пристигаат додека привршуваше централната прослава на 30-годишнината од независноста на државата.

Информациите што по неколку часа ги соопштија надлежните институции и кои почнаа да ги полнат страниците на медиумите беа катастрофални. Четиринаесет лица ги загубија животите во трагедијата, а уште десетина беа повредени. Од загинатите, 12 беа на болничко лекување, додека за двајца беше утврдено дека се членови на семејствата на дел од згрижените пациенти.

Беше спроведена истрага, а имаше и судски процес. Сепак, јасна одговорност за трагедијата и по три години, граѓаните на земјата сè уште чекаат.

Во октомври 2021 г. по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор – апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) лани во август објави документарен филм со наслов „Убиство во Тетово“, во кој изнесе сознанија и наводи за пропусти во изградбата на модуларната болница, што повторно го распламте огнот за трагедијата во модуларната болница.

За случајот им се судеше на двајцата поранешни директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, а докторот Бобан Вучевски беше обвинет за непостапување по здравствени прописи.

Судењето стартуваше на 4 декември 2022 г. и по шест месеци на 5 јуни лани Основен суд Тетово донесе пресуда.

Обвинетите директори добија условни казни од една година и шест месеци, додека докторот Вучевски беше ослободен од обвинението.

На Клиничката болница ѝ беше изречена парична казна од еден милион денари. На изрекувањето на пресудата во Тетовскиот суд судијата рече дека тоа не било судење за причините за пожарот.

На 10 јули лани, Основното јавно обвинителство поднесе жалба на првостепената пресуда по која расправаше Апелацискиот суд во Гостивар.

Во април годинава второстепениот суд донесе одлука со која наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница, како и за самата болница, како правен субјект. За докторот Бобан Вучевски, Апелацискиот суд ја одби жалбата на Обвинителството и ја потврди првостепената ослободителна пресуда.

Повторното судење беше закажано на 26 јуни, но се одложи за 25 септември. Причината за одложувањето беше отсуството на претставници на тетовската Клиничка болница.

За одговорноста околу причините за пожарот досега не одговараше никој, оставајќи ги семејствата на загинатите без одговори и со чувство на револт.

На 8 септември лани на двегодишнината беше одржан јавен марш и протест пред судот во Тетово во организација на семејствата, а седум дена подоцна марш и протест беше организиран и во Скопје на плоштадот „Скендербег“, а кој заврши пред зградата на Јавното обвинителство.