И Мијалков сака спогодба за „Империја“

Екс-директорот на УБК – Сашо Мијалков по примерот на Орце Камчев, сега и тој размислува да се спогоди за случајот „Империја“, изјави синоќа шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција – Вилма Русковска на тв Телма.

„Дали ќе прифатиме, ќе зависи од координацијата со јавниот обвинител Јовески. Сакам да појаснам дека е многу за државата во готово да се уплатат средства од овие замрзнати 32 милиони евра, затоа што сите знаеме колку време треба за пресуда и таа да стане правосилна. Вчера разбрав дека за одземен имот од предметот „Франкфурт мафија“, сега почнува постапката за продавање, по 10 години. Во интерес на државата е да се уплатат пари во готово“ – рече Русковска.

Таа напомена дека во рамки на истрагата за „Империја“ било утврдено дека фамозната офшор-компанија „Ексико“ е на Мијалков, а во тој контекст ја спомена и „Дивелоп Груп“, во чија сопственост е хотелот „Мериот“.

Обвинителството соопшти дека Орце Камчев признал вина за перење пари со неговата поранешна компанија „Орка холдинг“ во 2005 година, со што се спогодил да плати над 5 милиони евра во државниот буџет и да добие казна затвор од 1 година, која ќе му биде пресметана во времето поминато во притвор.