
Министерството за правда повторно ќе бара екстрадиција на осудениот поранешен премиер Никола Груевски кој доби азил во Унгарија.
Груевски живее во политички азил во Будимпешта откако побегна по донесувањето на пресудата за случајот „Тенк“ на поранешното СЈО.
Македонските власти бараа негова екстрадиција за издржување на двегодишна затворска казна поради незаконската набавка на „Мерцедесот“ како и за обвинението за организирање на насилниот упад во Собранието од 27 април 2017 година.
Судот во Будимпешта го одби барањето затоа што условите за екстрадиција не биле исполнети бидејќи поранешниот македонски премиер има статус на бегалец во Унгарија.
Ова е четврти пат како земјава се подготвува да бара екстрадиција за екс-премиерот Груевски. Секој нов министер за правда најавува барање за екстрадиција на Груевски. По барањата во 2018 и 2019 година, и тогашниот министер за правда Бојан Маричиќ поднесе барање во 2021 година.
Лога брифира дека во новото писмо кое ќе го испрати до Унгарија ќе биде наведено дека се бара екстрадиција на Груевски за да му се суди за 9 предмети и дека ако го екстрадираат ќе ге биде притворен во таканаречените „хашки ќелии“ во казнено поправниот дом „Идризово“, кои, како што вели, ги исполнуваат сите меѓународни стандарди.
„Ако побараат и други обврски да исполниме, ние сме отворени за соработка“ додаде тој.