![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2023/09/mickoski-gruevski-a-713x430.jpg)
Поранешниот премиер Никола Груевски е еден од луѓето кои изминативе денови ја критикуваше Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД и го славеше нејзиното блокирање од страна на Доналд Трамп, сокривајќи ги фактите дека тој и неговата партија во минатото биле директни корисници на помош и поддршка од УСАИД.
Токму Груевски во 2003 година бил ангажиран како советник на министерот за финансии на Србија преку проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетот на српското Министерство за финансии и пренесување на искуствата од земјите во транзиција во Србија.
Во 2002 година, додека Груевски беше министер за финансии, тој исто така соработуваше со УСАИД обезбедувајќи грант за развој на приватниот сектор, а поддршката од УСАИД не запре и додека Груевски беше премиер.
Во 2006 година, токму УСАИД беше организацијата која го спроведуваше проектот „Македонија сурфа“ со кој земјава стана првата безжична држава во светот, обезбедувајќи покриеност со безжичен интернет на целата територија.
Во следните години УСАИД помогна и за реновирање на основните училишта во земјава, но и за нивно опремување со ИТ опрема.
Поддршката на УСАИД за македонското општество, но и за ВМРО-ДПМНЕ продолжи и по заминувањето на партијата во опозиција.
Во 2019 година, УСАИД и НДИ одржаа работилница за партијата со цел планирање на нивната иднина, на која учествуваше раководството на партијата, а семинарот го отвори сегашниот премиер Христијан Мицкоски.
Оттаму нејасни се мотивите на Груевски, но и луѓето околу ВМРО-ДПМНЕ кои го слават блокирањето и евентуалното затворање на УСАИД, агенција која низ годините помага за развојот на македонското општество.
Преземено од Фокус