Александар Вучиќ – српскиот претседател закажа итна седница на Советот за национална безбедност поради актуелните настани во Украина. Тој во средата изјави дека Србија со одговор на кризата во врска со Украина ќе излезе во следните 48 часа и дека ставот на Србија ќе биде принципиелен како и досега, заснован на почитување на меѓународното право.
„Разговарав со премиерката Ана Брнабиќ, која е во технички мандат (поради изборите), но за да не бараме изговори во технологијата и проблемите со кои се соочуваме во моментов, ќе излеземе со целосен одговор на кризата во следните 48 часа“ – изјави Вучиќ.
ЕУ очекува Србија да се усогласи со санкциите против Русија, а вчера беше најавено дека Вучиќ денеска треба да одржи состанок и со амбасадорите на земјите на Квинта и со шефот на Делегацијата на Европската унија во Србија на оваа тема.
Според Вучиќ, Србија е во многу тешка ситуација и е под голем притисок да се придружи на санкциите на ЕУ и да ги осуди потезите на рускиот претседател Владимир Путин во Украина.