Институтот за јавно здравје објави дека во Република Северна Македонија најчеста причина за смрт од малигни неоплазми кај жените во периодот 2010-2022 година е малигната неоплазма на дојка.
Од малигна неоплазма на дојка во 2010 година починале 310 жени со стапката на морталитет од 30,0/100000 жени, во 2021 година 337 жени со стапка од 32,6 и во 2022 година 356 жени со стапка од 38,5 на 100000 жени, се посочува во информацијата од ИЈЗ објавена на нивната веб-страна.
И годинава во месецот посветен на борба против ракот на дојка здравствените власти апелираа жените да прават редовни превентивни прегледи за навреме да се открие и третира болеста, но термини за снимање нема со месеци.
Во Скопје термин за мамографија нема до крајот на годината, а за 2024 системот не дава можност за закажување. Пациентките на државно оваа здравствена услуга можат да ја добијат само во 5 општини.
Слична е состојбата и со апаратите за Ехо на дојка. Во здравствените установи во главниот град и во Штип термини нема до крајот на годината.
Отттука, на жените кои имаат симптоми им останува или да одат во други градови низ внатрешноста или да платат од 50 до 100 евра во приватна болница.