Папата Франциск денеска ги поздрави италијанските земјоделци кои со трактори дојдоа на плоштадот Свети Петар во Ватикан, поканувајќи го поглаварот на Католичката црква да застане со нив.
„Ги поздравувам земјоделците и сточарите кои се присутни на плоштадот“, рече папата, пренесе Анса.
Групата италијански фармери кои продолжија да протестираат и покрај тоа што владата направи одредени отстапки за фармерите, дојдоа на плоштадот во Ватикан со трактори и му подарија крава на папата.
Италијанските земјоделци, како и нивните колеги низ Европа, организираа протести за да го изразат своето противење на политиката на евтин увоз, високите трошоци и ниските цени на земјоделските производи, за кои тврдат дека ги промовира државата и ЕУ.