Лидерот на десничарската партија – Лига во Италија, Матео Салвини изјави дека блокот на италијанските централно-десничарски партии ќе ја поддржи кандидатурата на поранешниот премиер Силвио Берлускони за следен претседател на земјата. Парламентот во Италија ќе се состане на 24. јануари за да го избере новиот шеф на државата – наследникот на Серџо Матарела.
„Десниот центар е цврст и едногласен во поддршката за Берлускони и нема да го прифатиме ветото на левицата од идеолошки причини – рече Салвини.
Претседателските избори со денови наназад се доминантна политичка тема во Италија и веројатно ќе имаат големо влијание врз иднината на земјата.
Премиерот Марио Драги е меѓу главните кандидати, но неговото промовирање во шеф на државата ќе ги остави партиите или да изберат нов премиер или да распишат предвремени избори.
Партијата „Форца Италија“ на Силвио Берлускони соопшти дека ќе ја напушти Владата доколку Драги се пресели во претседателската палата.
Претседателските избори се одржуваат со гласање на 1.000 парламентарци и регионални делегати. Гласањето се одвива тајно, што им отежнува на партиските лидери да обезбедат дека пратениците ќе ги следат нивните инструкции.