Истражување: На Македонија и се потребни 56 години за да го стигне европскиот просек за стандардот на живеење

На државава и се потребни 56 години за да го стигне европскиот просек во однос на стандардот и условите на живеење, покажува извештајот подготвен од страна на осум организации од Западен Балкан којшто е фокусиран на приближување на земјите од регионот кон Европската унија.

На државава и се потребни 56 години за да го стигне европскиот просек во однос на стандардот и условите на живеење, покажува извештајот подготвен од страна на осум организации од Западен Балкан којшто е фокусиран на приближување на земјите од регионот кон Европската унија.

Сепак, постојат многу фактори кои можат да го забрзаат овој процес, но за тоа е потребно да се завршат работите дома, односно да се спроведат клучните реформи коишто ќе дадат резултат во секојдневното живеење особено на граѓаните.

– Навидум, оваа бројка звучи дека е песимистичка односно многу долга, но постојат многу фактори кои можат да го забрзаат тој процес и тоа е пораката на која треба да се фокусираме како општество. Во рамки на истражувањето направени се неколку сценарија кои кажуваат дали овој период ќе се намали доколку имаме полноправно членство во Европската унија, имаме пристап до пазарот, имаме пристап до фондови или имаме продолжена институционална поддршка. Сите сценарија, особено во клучните области – економија, социјални политики и дигитализација, ни даваат јасна слика дека состојбите ќе се поместат многу, дури дел од нив ќе се преполоват, доколку имаме полноправно членство или пристап до европските фондови, вели Виктор Митевски, извршен директор на Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ).

Она кон што треба да се фокусираме како држава е зголемување на продуктивноста, инвестирање во попаметни социјални трансфери кои ќе бидат насочени кон активација, како и инвестирање во дигитализацијата и инфраструктурата.

Според Митевски, зголемувањето на платите може да влијае на поттикнување на економските текови и економски раст, но потребно е овој тренд да биде проследен со раст на продуктивноста.

– Растот на продуктивноста може да го постигнеме доколку имаме квалификуван кадар и инвестиција во технологии не само од страна на државата, туку и од страна на приватниот сектор. Само зголемување на платите без додадена вредност во општеството односно на крајниот производ може да има само контра ефект иако економските параметри покажуваат дека во сегашните услови има простор за зголемување на платите, истакнува Митевски.

Според податоците од извештајот, бруто платата во земјава е околу 1.000 евра, а тоа е една третина од просечната плата во ЕУ која изнесува околу 3.000 евра. За да го стигнеме европскиот просек ќе ни бидат потребни 40 години.

Највисоки плати има во Србија околу 1.150 евра, на второ место е Босна и Херцеговина и Црна Гора, па Македонија, а малку полоши се Косово и Албанија.

Во однос на Бруто домашниот производ стоиме подобро, бидејќи нашиот БДП е 42 проценти по глава на жител, меѓутоа стапката на раст е поспора во однос на земјите од Европската унија што значи дека сепак ќе ни треба повеќе време за да го стигнеме овој просек.

Во делот на образованието, државата не стои најдобро затоа што од вкупно шест индикатори, во четири се оддалечуваме од Европската унија. Се оддалечуваме од Европската унија во делот на државното вложување во образованието и во делот на PISA. Единствено имаме напредок во делот на запишување студенти на факултетите.

Во делот на здравството и дигитализацијата има напредок и постојат шанси да се стигне европскиот просек.

– Ние не сме против ЕУ. Извештајот е направен за да видиме каде сме и што треба да направиме за да се подобриме. Идејата е да видиме како се живее на Балканот, да видиме дали напредуваме, да видиме каде сме релативно добри, а каде не и да видиме што треба да прават политичарите, вели професор Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт.

Извештајот за конвергенцијата на Западен Балкан кон Европската унија е резултат на речиси едногодишна работа на осумте организации кои беа вклучени во неговата подготовка. Тој беше промовиран денеска на денот кога Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ) одбележува 11 години од основањето.