Кај политичарите не постои желба за вистинска промена и подготвеност за спроведување најнеопходни реформи – ова е ставот на граѓаните.Ова контатирање произлезе од истражувањето на јавната перцепција кое го спроведе Институтот за демократија.
Истражувањето е спроведено со цел подобро да се истражи јавната перцепција на квалитетот на живот, довербата во институциите и политичките актери, како и поларизацијата во Република Македонија.
Сите учесници биле загрижени за партиската политика и раздорот што го предизвикуваат политичките партии.
Лицата во фокус–групите учествувале и во вежба со персонификација, а од нив било побарано да поистоветат политичка партија со некое животно. Вежбата покажала дека учесниците главно ги поистоветуваат сите политички партии со лисица, па користат атрибути како „подмолна“, „итра“, „несигурна“, и „си гледа само за себе“.
Според учесниците судството е најкорумпиранaтa институција и ја ужива најмалата доверба. Велат дека политичките партии секогаш наоѓаат начин да ја подриваат работата на судството преку корумпирани механизми.
Учесниците се произнеле и за поларизацијата што ја предизвика францускиот предлог, поради кој биле или Македонци или предавници. За многумина, поларизацијата е последица на „партискиот менталитет“ и е предизвикана од реториката што ја користат политичките партии.
Дел од учесниците, пак, изразиле фрустрација од надворешната политика на земјата и недостатокот на внатрешна посветеност за надминување на проблемите на граѓаните, како и дијалог, консензус и компромис меѓу политичките партии.
Студијата со фокус–групи била спроведена во септември оваа година во сите осум плански региони.Во нив учествувале 67 учесници. Истражувањето било спроведено во рамки на Програмата за парламентарна поддршка, која е поддржана од Владата на Швајцарија, а се спроведува во партнерство со Националниот демократски институт и Центарот за управување со промени.