
Истражување: Американците ги сметаат ОН за неопходни, но и неефикасни
Повеќето Американци сметаат дека Обединетите нации (ОН) се неопходни во светот, но ја критикуваат ефикасноста на таа организација, покажа новото истражување на агенцијата Галуп.
Повеќето Американци сметаат дека Обединетите нации (ОН) се неопходни во светот, но ја критикуваат ефикасноста на таа организација, покажа новото истражување на агенцијата Галуп.
Резултатите објавени денеска, пред 80-то заседание на Генералното собрание на ОН оваа недела, покажуваат дека 60 проценти од Американците мислат дека организацијата е неопходна, што е нешто помалку во споредба со истражувањата во последната деценија.
Во истражувањето од 1997 година, 85 проценти од Американците сметале дека ОН имаат неопходна улога во светот.
Истовремено, 63 проценти денес велат дека ОН лошо ја извршуваат својата работа во обид да ги решат глобалните проблеми, пренесе бриселскиот портал Политико.
Сепак, мнозинството Американци ја поддржуваат финансиската поддршка на ОН од страна на владата на САД, при што 35 проценти сакаат да се зачува сегашното ниво на финансирање, 25 проценти сакаат тоа да се зголеми, а 37 проценти да се намали.
Големо мнозинство (79 проценти), според истражувањето, верува дека САД треба да останат членка на ОН, додека 17 проценти мислат дека не треба – што е рекорден процент забележан само уште во 1996 година.
Гледано според партиската припадност, републиканците историски повеќе сметаат дека ОН се непотребни, додека демократите гледаат на светската организација со поголема наклонетост.
Меѓу републиканските испитаници, 59 проценти сметаат дека ОН немаат неопходна улога, додека кај демократите така мислат само 19 проценти, пренесе Политико.
Исто така, најмногу меѓу републиканците се оние што сметаат дека САД треба да излезат од ОН – 36 проценти, наспроти само четири проценти меѓу демократите и 17 проценти меѓу оние кои не припаѓаат на ниедна од двете партии.
Американскиот претседател Доналд Трамп во својот втор мандат генерално повикува САД, кои финансираат 22 проценти од редовниот буџет на ОН и се најголем придонесувач, да се повлечат од меѓународните организации. Исто така, САД ја намалија меѓународната странска помош.
Трамп на почетокот на годината ги повлече САД од Советот за човекови права на ОН (UNHRC), а во јули и од Организацијата на ОН за образование, наука и култура (УНЕСКО), поради, како што беше образложено, „woke“ политиките.
Истражувањето било спроведено во август и опфатило нешто повеќе од илјада возрасни Американци. ј