
Во соопштението на јавното обвинителство се наведува и дека во ОЈО Скопје имало некаков „помагач“ кој му овозможил на Марјан Стаменковски, сопственикот на порталот „Доказ“ да се обиде да влијае врз истрагата.
Тој „помагач“ била истражителка од Истражниот центар на скопското обвинителство. Истражителката веќе не работи во истражниот центар и за неа се води постапка во Одделот за внатрешна контрола на МВР.
Јавното обвинителство објаснува како Стаменковски се обидувал да дознае податоци од истрагата против него, а и за други случаи:
„Во наведениот период додека во обвинителството се водеше постапката против осомничениот, тој искористил лично познанство со лице ангажирано како истражител во Основното јавно обвинителство Скопје, па преку вибер комуникација се обидел од неа неовластено да дознае информации за преземени истражни дејствија во повеќе кривично-правни предмети, вклучувајќи го и предметот против него. Обидувајќи се да влијае врз постапката против него, од приватната комуникација со истражителката, без согласност искористил и објавил лични податоци и фотографии на четворица истражители во ОЈО Скопје, кои поднесоа кривична пријава за – Злоупотреба на лични податоци од чл.149 ст.1 од КЗ. Истражителката која споделувала податоци со осомничениот веќе не е ангажирана во Истражниот центар на ОЈО Скопје и за неа ќе биде иницирана постапка пред Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди во Министерството за внатрешни работи“, се вели во соопштението.