
Истрага за возачот кој го усмрти Јорго Ќука на пешачки во Скопје – возел пребрзо
Јавен обвинител од ОЈО Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради сомненија за сторени – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против 37-годишниот скопјанец што вчера со автомобил „фолксваген пасат“ удри во велосипедистот Јорго Ќука (78) на булеварот „Гоце Делчев“ во Скопје, кој по нанесените тешки телесни повреди го загуби животот.
ОЈО Скопје бара Кривичниот суд во Скопје да му одреди мерки на претпазливост на осомничениот – одземање на македонскиот и српскиот пасош кои ги поседува, одземање на возачката дозвола, забрана за напуштање на живеалиштето и обврска повремено да се јавува кај надлежен државен орган.
Изнесувајќи детали за настанот, од Обвинителството наведуваат дека 37-годишниот возач на „фолксваген пасат“ не се придржувал до сообраќајните прописи и го управувал автомобилот со неприспособена брзина која не му овозможила навремено да го запре возилото.
„Пристигнувајќи на пешачки премин на крстосницата со улицата ‘Лазар Личеноски’, осомничениот 37-годишник со предниот дел на возилото удрил во велосипед, управуван од сега починатиот Јорго Ќука, кој се движел по обележаниот пешачки премин. Од ударот оштетениот се здобил со тешки телесни повреди и починал“, наведуваат од скопското обвинителство.
Сообраќајката со смртни последици се случи вчера попладне. Откако удрил во велосипедистот, возачот на „пасатот“ го оставил возилото и заминал од местото на настанот. Подоцна во текот на денот беше уапсен.