Истрагата за Кочани е завршена, за некои обвинети ќе биде прекината

Истрагата за трагедијата во Кочани е завршена, од утре почнува увидот на одбраната во доказите, објави во 24 анализа државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Истрагата за трагедијата во Кочани е завршена, од утре почнува увидот на одбраната во доказите, објави во 24 анализа државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Тој вели дека засега не може да прецизира колкав ќе биде конечниот број обвинети, а најави можност за некои да биде прекината истрагата.

Тврди, ОЈО ГОКК продолжува со истрагата околу улогата на полицајците кои кобната ноќ беа во дискотеката „Пулс“ и не исклучува можност доколку се обезбедат докази, да станат осомничени. Коцевски вели, полицијата влегла во „Пулс“ 15 минути пред пожарот.

– По два и пол месеци истрагата се завршува утре што значи дека од утрешниот ден се почнува со увид во предметот од страна на одбраната. Одбраната во наредните 15 дена има право да доставува докази кои јавното обвинителство ќе ги цени со тоа што по поминување на тие 15 дена ќе се донесе јавно-обвинителска одлука, рече Коцевски за Tелевизија 24.

Тој посочува дека досега ваков предмет немало во државата и дека се работи за сложена истрага со многу преземени дејствија и дека биле вклучени 13 јавни обвинители.

– Во рекордно време се обезбедија сите релевантни докази кои беа битни за истрагата, рече Коцевски.

Тој исто така рече дека за еден член од бендот кој е осомничен за пиротехниката нема во моментов да се води постапка поради лоша здравствена состојба и дека е најден тефтерот на Дејан Јованов Деко од кој се гледа кому се му плаќал мито.

-Уште првиот ден овој осомничен беше распрашан и даде доста битни и релевантни факти за начинот како ги обезбедува лиценците и тоа ќе се разјасни, но за сите тие околности да почекаме уште 15 дена. Имаме се што е потребно за утврдување на негова одговорност, рече Коцевски.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени.