
Истрагата за двојното убиство кај Старо Нагоричане во тек: Се чекаат вештачења
Основно јавно обвинителство Куманово продолжува со истрагата против 25-годишен жител на селото Малотино, општина Старо Нагоричане, осомничен за две убиства. Од обвинителството информираат дека во тек е прибирање на докази, при што се очекуваат резултатите од наредените ексхумации, обдукции и психијатриско вештачење.
Основно јавно обвинителство Куманово продолжува со истрагата против 25-годишен жител на селото Малотино, општина Старо Нагоричане, осомничен за две убиства. Од обвинителството информираат дека во тек е прибирање на докази, при што се очекуваат резултатите од наредените ексхумации, обдукции и психијатриско вештачење.
Обвинителот Љубомир Лапе изјави дека се издадени и наредби за утврдување на локации преку базни станици на мобилни телефони, како и други видови вештачења кои треба да помогнат во целосно расчистување на случајот, пренесе МИА.
-Во моментов Јавното обвинителство и понатаму постапува во насока на откривање и докажување на кривичните дела. Се чекаат резултати како од наредените ексхумации, обдукции така и од нареденото психијатриско вештачење, но и други друг вид докази коишто се во однос на издадени наредби за локација на базни станици на телефони. Исто така има и други наредби за вештачење и сметаме дека кога ќе ги прибавиме сите докази по издадените наредби ќе бидеме во можност да имаме појасна слика, досега што е расчистено и доколку оцениме дека има потреба да се расчистуваат уште некои настани – изјави обвинителот Лапе.
Во однос на евентуални пропусти кај институциите, обвинителството соопшти дека се спроведуваат проверки и дека се испратени барања до повеќе државни органи, од кои дел од одговорите веќе се пристигнати, додека останатите сè уште се очекуваат.
-Ги истражуваме сите можни евентуални пропусти коишто настанале во работењето на сите овие лица коишто ги наведовте. Поднесени се голем број барања до голем број државни органи. Дел од барањата се пристигнати, меѓутоа чекаме да добиеме одговор на сите барања за да може да ја комплетираме во целост сликата. Во делот на Министерството за внатрешни работи, надлежно обвинителство е Јавно обвинителство за организиран криминал така што Јавното обвинителство Куманово прави само основни, базични проверки во смисла кој бил на лице место и.т.н., а не постапува во насока на утврдување можна одговорност или пропуст. Ние колку што имаме сознанија во тој дел постапува внатрешна контрола – рече обвинителот.
Паралелно со оваа постапка, формиран е и посебен предмет за утврдување евентуална одговорност кај медицински лица, при што се прибираат релевантни информации и докази.