Историски подвиг на кубански борач – го освои петтиот златен медал на ОИ во истата категорија

Михаин Лопез Нуњез, 41-годишниот кубански борач, постигна неверојатен, историски успех на Олимписките игри (ОИ) во Париз, освојувајќи го петтиот златен медал, на петтите Игри по ред, во иста категорија!.

Во финалната борба во грчко-римски стил, до 130 килограми, Лопез Нуњез го совлада Чилеанецот, Јасмани Акоста Фернандез со 6:0 и освои уште еден златен медал во блескавата кариера.

Прво злато тој го освои на ОИ во Пекинг, тогаш во категоријата до 120 килограми, а сето тоа го повтори четири години подоцна, во Лондон 2012-та.

Потоа и на следните три ОИ, во Рио де Жанеиро 2016, во Токио 2021 и сега во Париз 2024-та беше најдобар, во истата, преобликувана категорија до 130 килограми, но навиките за освојување златни медали останаа.

Со тоа Лопез Нуњез стана првиот спортист во историјата кој освоил пет златни медали во иста категорија. По четири златни медали во иста дисциплина имаат освојувано американскиот атлетичар, Карл Луис, во скок во далечина, американскиот пливач, Мајкл Фелпс, на 200 метри мешано, американската пливачка, Кејти Ледецки, на 800 метри слободно, Данецот, Пол Елвстром, во едрење, Американецот, Ал Е’ртер во диск и Јапонецот, Каоир Ичо, во борење.

Покрај петте злата од ОИ, Лопез Нуњез има пет злата и три сребра од Светските првенства (СП).