
Истече меѓународниот договор за нуклеарната програма на Иран
Иран објави дека повеќе не е обврзан со ограничувања на својата нуклеарна програма, откако денеска истече меѓународниот договор што ја регулира таа програма, соопшти Министерството за надворешни работи на земјата.
Иран објави дека повеќе не е обврзан со ограничувања на својата нуклеарна програма, откако денеска истече меѓународниот договор што ја регулира таа програма, соопшти Министерството за надворешни работи на земјата.
Отсега натаму, „сите одредби (од договорот), вклучително и ограничувањата на нуклеарната програма на Иран и поврзаните механизми, се сметаат за комплетни“, се вели во соопштението.
Спогодбата, потпишана во 2015 година од Иран, Франција, Велика Британија, Германија, САД, Русија и Кина, требаше да ги регулира нуклеарните активности на Иран во замена за укинување на санкциите на Обединетите нации (ОН).
Текстот беше ратификуван од ОН пред 10 години на денешен ден, во резолуцијата 2231.
Голем број западни земји и Израел се сомневаат дека Иран тајно развива атомско оружје, додека Техеран тврди дека останува цврсто посветен на дипломатијата.
Договорот од 2015 година го ограничи збогатувањето на ураниум на Иран на 3,67 проценти и предвиде строго следење на неговите нуклеарни активности од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нуклеарното надзорно тело на ОН.
Вашингтон се повлече од договорот во 2018 година и повторно воведе санкции врз Иран, што го натера Техеран да возврати со повлекување од некои од своите обврски според договорот.
Според МААЕ, Иран е единствената држава без нуклеарно оружје што збогатува ураниум до високо ниво од 60 проценти, блиску до техничкиот праг од 90 проценти потребен за производство на атомска бомба.
Техеран, исто така, ја суспендираше целата соработка со МААЕ во јули оваа година, по 12-дневната војна со Израел, чија војска ги нападна иранските нуклеарни постројки.