Исплатата на државната помош за странските компании заглавена поради изборите

Изборите ја закочија исплатата на државната помош на странските компании. Според оние кои раководат со странските фирми во земјава, прв пат се случува да се доцни исплатата и тоа не е добро, објави Телма.

Изборите ја закочија исплатата на државната помош на странските компании. Според оние кои раководат со странските фирми во земјава, прв пат се случува да се доцни исплатата и тоа не е добро, објави Телма.

Извршниот директор на ОДВ Електрик, Огнен Цубалевски, вели и претходно се случувале избори, па не се доцнело.

„Оваа година прв пат имаме девијација заради изборите. Се уште не е исплатена државната помош. Дванаесет години се исплаќа на време и имало не знам колку избори и никогаш не дошло до доцнење. Оваа година прв пат не се исплаќа со информација дека е тоа заради локалните избори. И тоа е нешто што мислам дека не е и треба на Македонија“, изјави Цубалевски.

Во меѓувреме, автомобилската криза во Германија се чувствува и овде. Бидејќи таму пазарот стагнира, се отвора можност за влез на кинески возила. Кои пак, не се партнери на инвеститорите во Македонија.

Според Виктор Мизо, претседателот на Советот на странски инвестиции, голема улога имаат американските царини.

„Царините кои се воведени од страна на Трамп пред се за премиум производители на возила во Европа, каде што најголемите нивни пазари се во САД, тие 15% дополнителна царина, влијае на продажбата на Мерцедес, на БМВ и на Рејнџ Ровер, а ние имаме производи за тие компании. И ако ги видите последните бројки за профитабилноста на овие компании, ќе видите дека профитот на Порше за девет месеци од годината е намален за над 95 проценти споредено со минатата година. Слично се случува и со Мерцедес и со Фолсфаген“, изјави Мизо.

Поради овие проблеми, компаниите Аптив и Дура се пред затворање на своите погони во зоната во Скопје. Други го намалија бројот на вработени, а некои се одлучија за укинување на смените.

Според, последните податоци на НБРМ, минатата година во првите два квартали странските инвестиции изнесувале околу 560 милиони евра, оваа година пак во истиот период се преполовени, односно малку над 220 милиони евра.