Искусни инвеститори ја преземаат „Имлек“, водечката млечна компанија на Балканот

„Бимилк“ останува составен дел од „Имлек“ и продолжува да работи непроменето, согласно највисоките стандарди за квалитет.

Компанијата „Имлек“, водечки производител на млечни производи на Балканот, стои пред значајна промена во сопственичката структура. Во рамките на групацијата „Имлек“ работи и „Бимилк“, како еден од клучните и најсовремени регионални капацитети во оваа групација. „Бимилк“ останува составен дел од „Имлек“ и продолжува да работи непроменето, согласно највисоките стандарди за квалитет.

За купопродажбата постигнато е финансиско и оперативно согласување со кое „Имлек“ преминува во сопственост на семејниот инвестициски холдинг на Андреј Јовановиќ (AJFH) како водечки инвеститор и Бојан Радун, долгогодишен генерален директор на „Имлек“, кој ќе продолжи да ја води компанијата и во новата структура. Договорот предвидува завршување на трансакцијата во првиот квартал од 2026 година, согласно сите редовни процедури на купопродажба.

Претприемачите Јовановиќ и Радун истакнуваат дека во „Имлек“ гледаат огромен потенцијал за натамошен раст и развој преку засилени инвестиции, унапредување на оперативната ефикасност и континуирани иновации во производството и портфолиото. Компанијата е препознатлива по силните брендови, а нејзината водечка пазарна позиција на Западен Балкан претставува значајна основа за понатамошно проширување.

Под капата на „Имлек“ функционираат четири производствени капацитети, каде покрај „Бимилк“ и два производни погони во Србија, е и „Млијекопродукт“ од Босна и Херцеговина. Компанијата годишно преработува околу 350–400 милиони литри сурово млеко и соработува со повеќе од 3 500 фармери во регионот.

Со најавената промена на сопственоста, „Имлек“ влегува во нова развојна фаза која дополнително ќе ја зајакне неговата позиција како најголем млечен бренд на Балканот, со јасна визија за раст, модернизација и поддршка на локалното производство, се вели во соопштението до медиумите.