ИРЛ – Што треба да знаеме за ефектот од санкциите кон Русија врз македонскиот стандард и економијата
Тимот на „Истражувачка репортерска лабораторија“ (ИРЛ – Македонија) направи опсежна анализа за тоа какво влијание ќе имаат санкциите кон Русија врз стандардот и економијата во земјава. Анализата ја пренесуваме во целост:
„Заканата од вооружен конфликт на границата на Европа донесе нови стравови за глобалната економија која и пред руската инвазија во Украина беше силно погодена од пандемијата и од енергетската криза. Тензиите веќе ги предизвикаа пад на акциите, ги зголемија цените на енергентите, а галопирачки брзото поскапување на храната ги отвори старите стравови во постконфликтниот Балкан.
Првпат по 1945 година во Европа една моќна земја, Русија, чија армија е рангирана на сите светски листи како втора по моќ, зад онаа на САД, удри на свој сосед. Не станува збор за мала земја во Азија, туку за 44-милионската Украина. Светот не се подготвува само да ги брои жртвите на безумната агресија туку и последиците врз секојдневното живеење на луѓето од целиот свет.
Додека Украинците војуваат сами, припадниците на таканаречената западна алијанса, односно САД, ЕУ, Велика Британија и други воведоа санкции дизајнирани да го притиснат агресорот Русија да се откаже од војната. Македонија се приклучи кон санкциите што вклучуваат повеќе мерки – од забрана за користење на воздушниот простор за руските авиони до серија економски санкции.
ИРЛ направи преглед на компаниите со руски капитал во земјава и на компаниите што имаат трговски врски со Русија и Украина, со цел да ги утврдиме размерите на ефектите врз македонската економија. Анализираме и како новата европска војна ќе ги доосиромаши македонските граѓани кои веќе силно ги чувствуваат последиците од енергетската криза и глобалната пандемија.
Извозниците на ум да ги заменат македонски шофери со украински
Војната веќе удри по македонските земјоделци. Од Украина нема веќе нарачки, а веќе една седмица цената на земјоделските производи е во слободен пад. Блажо Витанов од компанијата „Империја фрут“, која се занимава со извоз на земјоделски производи, веднаш ќе ги почувствува ефектите затоа што „Империјал фрут“ извезува раноградинарски производи.
„Моите кооперанти се уплашени. Кај нив постои голем страв дека вложените пари во производството нема да им се вратат. Тешко ќе биде и за мојата фирма. Работам пред сè со Украина и кај нашите камионџии нема расположение да возат натаму. Се разгледува можноста украински возачи да дојдат по робата“, вели Блажо Витанов од „Империјал фрут“.
Истражувачката репортерска лабораторија преку документите добиени од платениот сервис „Импорт џиниус“ (Import Genius), кој обединува глобални информации за увоз, извоз и меѓународни трговски записи, утврди дека најголем извоз од земјава кон Русија во последната година имало во три индустрии: текстилната, фармацевтската и земјоделската.
Огромна е неизвесноста и во вториот по големина извозен сектор во Русија – фармацевтскиот. Ова доаѓа по одлуката како санкција да се примени исклучување на дел од руските банки од системот СВИФТ кој овозможува брзо и евтино меѓубанкарско плаќање низ целиот свет.
„Досега немало пракса на исфрлање земји од системот СВИФТ, поради тоа не сме во можност да предвидиме какви импликации тоа ќе донесе. Дефинитивно ќе се усложнат работењето и наплатата, но не сме сигурни дали ќе се оневозможат во целост“, велат од компанијата „Алкалоид“ која има фирми и во Украина и во Русија.
Превозниците се преплашени, малите држави први ќе ги „гази“ зголемената европска конкуренција
Превозниците се први што ги чувствуваат последиците од воени активности на одредени територии во Европа. За нив не постои можност да прават резерви, а ако сакаат да опстанат мора да се движат.
Од Асоцијацијата на превозници „Макам-транс“ велат дека кризата ја чувствуваат повеќекратно. Сè уште не можат да се справат со силниот удар од енергетската криза, а војната ги удира со нови зголемени цени на нафтените деривати, зголемени трошоци на превозот, зголемена конкуренција на европскиот транспортен пазар поради поголема понуда на превозници отколку понуда на производи за превоз.
Згора на сè, тука се и ризиците по живот.
„Зголемен е ризикот при вршење превоз кон деловите кои се опфатени со воени активности. Нè чека конкуренцијата која ќе биде немилосрдна и на штета на превозниците кои се од малите држави како што е нашата“, велат од „Макам-транс“ за ИРЛ.
„Штетите што ќе настанат и настануваат ќе бидат огромни, но различни кај секој превозник“, предупредува Асоцијацијата. Иако е рано за компрехензивни податоци за финансиските штети , факт е дека веќе се намалува обемот на превоз, се зголемуваат трошоците, се намалува сигурноста за наплата на побарувања од извршените превози, вака од „Макам-транс“ ги опишуваат тешкотиите со кои ќе се соочат превозниците како и сите останати правни субјекти на кои прометот драстично ќе се намали.“
Македонско-руска стопанска комора: Извозот кон Русија е мал, но штетите ќе бидат големи
Од Македонско-руската стопанска комора посочуваат дека главната грижа е дека македонски производи, особено свежите раноградинарски, за кои сезоната допрва почнува, ќе почувствуваат посилни ефекти. Тука ги вбројуваат и домашното вино, производите од преработувачката индустрија, но и фармацевтските производи. Предупредуваат дека сме и целосно зависни од рускиот гас.
„Макпетрол“: Обезбедивме гас од „Газпром“, нема да има пречки
Сепак, домашните увозници на гас, пак, сметаат дека нема да се соочат со особен проблеми во набавка на енергентите Домашната компанија „Макпетрол“, која увезува природен гас од Русија, смета дека санкциите кон руската компанија „Газпром“ нема да влијаат врз снабдувањето со овој енергент, кој инаку го користат околу 60 фирми и институции, затоа што тие веќе ги обезбедиле количините гас.
„Нема никакви пречки во снабдувањето со природен гас. За сите наши потрошувачи, односно компании со кои имаме долгогодишна соработка, снабдувањето со гас се одвива непречено бидејќи уште минатата година ги обезбедивме потребните количини“, велат од „Макпетрол“.
Во овој момент има одлука неколку банки од Русија да бидат исклучени од системот СВИФТ преку кој околу 11 000 банки извршуваат 90 отсто од увозно-извозните плаќања.
Сива зона во СВИФТ
Според објаснувањето на Народната банка, македонските банки ќе можат да работат со оние руски банки кои не се предмет на санкции. Оние компании што работат со руски банки кои се исклучени од платежниот инструмент СВИФТ имаат опција да отворат сметки во оние банки кои не се под режим, затоа што не сите руски банки се под санкции. Цел се контроверзните банки за кои западните држави сметаат дека се користат за перење пари на државниот врв на Русија и за други илегални операции.
ИРЛ направи повеќе разговори со клучни лица од банкарскиот сектор. Извори од банките кои имаат капитал од Европската Унија велат дека добиле насоки од своите фирми мајки дека за секоја трансакција што доаѓа од Русија мора да се вршат задолжителни длабински проверки. Засега не е познато дали ваква обврска имаат и банките со домашен капитал како Комерцијална банка, ТТК банка и Халк банка, која е турска инвестиција. Сите домашни банки можат да работат со секоја руска банка која не е дел од таканаречениот СВИФТ сет на санкции.
Според Народната банка, руските банки кои не се исклучени од платформата СВИФТ и натаму ќе можат непречено да вршат трансакции со странство, што ја остава можноста домашните фирми кои извезуваат во Русија да ги добијат своите пари.
Од Народната банка за ИРЛ велат дека финансиските санкции кон Русија нема да му наштетат на македонскиот банкарски сектор бидејќи, за разлика од регионот, каде што Сбербанк е сериозен финансиски играч, во Македонија во ниту една банка нема руски капитал, а сопствениците на најголемите банки се од земји членки на Европската Унија.
Од НБРМ велат дека за Македонија поголем проблем, отколку финансиските санкции кон Русија, е можноста од прелевање на кризата.
„Руско-украинската криза може да влијае на европската економија во смисла на промена на изгледите за растот поради дополнително нарушување на синџирите за снабдување и поголема неизвесност, но може да доведе и до задржување на повисокото ценовно ниво на подолг рок од очекуваното. Сепак, сите сценарија се условени од развојот на случувањата во Украина и засега е рано да се даде попрецизна слика“, велат од НБРМ.
Сите се губитници, но сиромавите се идните гладни
Војната со санкции ќе ѝ наштети на Русија. Ќе влијае и на светските цени на нафтата, на пченицата, пченката, растителното маслото, но и на металите каде што Русија е голем извозник. Европската Унија ќе мора да најде пред сè замена за енергентите од Русија, како и за репроматеријалите. Русија, пак, ќе изгуби уште повеќе бидејќи со најбогатиот, европски пазар, има суфицит.
Со набавката на поскапи енергенти може да дојде до забавување на европската економија, што би значело удар и врз Македонија. Трговската размена со ЕУ во 2021 година беше околу 9,4 милијарди евра и имавме суфицит од една милијарда и 300 милиони евра. Поради ова, секое нарушување на пазарите во ЕУ е опасно и за Македонија.
Продлабочување на кризата
Ако војната во Украина ескалира и Русија не се повлече, голема е веројатноста дека ќе се заоструваат и санкциите. Освен досегашните мерки против поединци, банки, фирми и кон Централната банка на Русија, која управува со девизните резерви, би можело да се воведат и санкции кон извоз на одредени производи кои им носат пари на Русите. Во зависност од ширината на овие санкции, прашање е дали би биле на удар и руски фирми во Македонија.
Ако се погледне мапата на руски фирми во Македонија, доминираат енергетските и рударските компании. „Лукоил“ увезува 8,5 отсто од дериватите во Македонија и држи скоро 14,5 проценти од малопродажбата, веројатно не би бил санкциониран.
Во енергетскиот секторот Русија е присутна преку комбинираната централа ТЕ-ТО и БЕГ, кој го грее со топлинска енергија поголемиот дел од Скопје.
Руси го поседуваат и единствениот рудник за злато – „Бучим“.
Од Македонско-руската стопанска комора стравуваат од контрасанкции од Руската Федерација.
„Искрено, во моментов нема многу простор за оптимизам дека дел од извозните гранки ќе бидат поштедени. Сепак, останува да почекаме на таа одлука“, вели Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора.
Од Министерството за економија не се загрижени од можни пошироки санкции кон Русија. Велат дека во рударскиот сектор нема руски фирми.
„Според податоците на Министерството за економија, во Северна Македонија нема директни инвестиции што доаѓаат од Руската Федерација во секторот рударство. Имено, има рудници за експлоатација на металични минерални суровини во кои има ангажирано лица кои се државјани на Руската Федерација, но основачкиот капитал на компанијата не е од Русија“, велат од Министерството. Сепак, обработените податоци од домашните и меѓународни бизнис регистри посочуваат дека најголемите рударски капацитети се основани со руски капитал распореден во неколку офшор дестинации каде што крајни сопстствениците се руски граѓани и компании. (Види мапа).
Од Министерството за економија во однос на анализа за влијанието на санкциите кон Русија врз работењето на компаниите нè упатија да се обратиме во Министерството за надворешни работи. ИРЛ од економија побара конкретни информации за тоа колку институциите се подготвени за ефектите доколку работењето на домашните компании биде загрозено од санкциите“.