
Ирена Јовева: „Србија виде само насилство под Вучиќ – украдените избори и згазените медиуми ја доведоа до работ на пропаст“
Европратеничката Ирена Јовева реагираше откако бриселскиот портал Политико објави дека Европската комисија размислува да задржи до 1,5 милијарди евра од Србија поради нејзиното демократско уназадување, оценувајќи дека земјата под Александар Вучиќ е доведена до работ на пропаст поради „насилство, корупција и заробување на државата“.
Европратеничката Ирена Јовева реагираше откако бриселскиот портал Политико објави дека Европската комисија размислува да задржи до 1,5 милијарди евра од Србија поради нејзиното демократско уназадување, оценувајќи дека земјата под Александар Вучиќ е доведена до работ на пропаст поради „насилство, корупција и заробување на државата“.
Во написот објавен денес од Политико се истакнува дека Србија, иако не е членка на ЕУ, е во преговори од 2014 година, што ѝ дава пристап до средства и грантови наменети за спроведување на правни реформи. Одлуката за суспендирање на плаќањата дополнително би го комплицирала процесот на проширување на ЕУ, во време кога земји како Украина и Црна Гора го забрзуваат својот пат кон членство, додека влијателни земји како Франција повикуваат на претпазливост.
„Под Вучиќ, Србија виде само насилство, корупција и заробување на државата. Украдените избори и згмечените медиуми ја доведоа Србија на работ на пропаст. Србите заслужуваат нов, демократски пат кон просперитет. Време е за промена“, рече Јовева на социјалната мрежа X, реагирајќи на оваа објава.
За потсетување, Јовева е европратеничка која зборува за проблемите во Србија во изминатите година и пол, што ја прави едно од препознатливите имиња во Европскиот парламент кога станува збор за Србија. Таа отворено ги поддржуваше студентските протести, ги поздравуваше студентите за време на нивната турнеја во Стразбур и постојано ја критикуваше администрацијата во Брисел за она што таа го нарече недоволен одговор на настаните во Србија и однесувањето на властите.
Што е спорно во Србија?
Според „Политико“, ЕУ го разгледува овој потег поради континуираното регресирање на Србија во областа на демократијата, но и поради нејзиниот однос со Русија, што дополнително го комплицира европскиот пат на земјата.
„Сè повеќе сме загрижени за тоа што се случува во Србија“, изјави за „Политико“ комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос.
„Од закони што ја поткопуваат независноста на судството, до репресијата врз демонстрантите, до постојаното мешање во работата на независните медиуми“, рече таа.
Во последните недели, притисокот во Комисијата за задржување на средствата расте, изјавија четворица претставници на ЕУ кои работат на проширување, анонимно зборувајќи за „Политико“.
Тие истакнуваат дека ЕУ веќе јавно ги критикуваше судските реформи спроведени од српскиот претседател Александар Вучиќ, чија влада се соочи со масовни протести.
Слични проблеми се посочуваат во извештаите и анализите долго време, за што пишуваа „Нова.рс“ и „Н1“ – од спорни избори и притисок врз гласачите, до колапс на медиумските слободи, до проблеми во работата на судството и институциите.
Во Брисел затоа сè повеќе се поставува прашањето дали Србија се движи кон Европската Унија или се оддалечува од неа, а најавата за задржување на милијарди евра би можела да биде првиот конкретен сигнал дека политичкото незадоволство би можело да има финансиски последици.
Преземено од Проверено