
Владата на Иран ги прогласи средата и четвртокот за државни празници поради „невиден“ топлотен бран, имајќи предвид дека температурите во повеќето делови на земјата достигнаа повеќе од 40 степени Целзиусови, објави новинската агенција ИСНА.
Филијалите на банките, судските и правните канцеларии ќе бидат затворени, а испитите и фудбалските натпревари ќе бидат откажани. Болниците се во состојба на готовност, објави агенцијата.
Метеоролошката служба предупреди дека постои ризик од загаденост на воздухот и песочни бури на југот од земјава, каде оваа недела се очекува температурите да се искачат над 50 Целзиусови степени.
Во курдскиот град Дивандаре, жителите во понеделникот излегоа на улиците за да го изразат своето незадоволство затоа што им била прекината водата од чешмата, објави норвешката организација за човекови права Hengaw.
Голем дел од Иран, земја со речиси 90 милиони жители, е пустина. Научниците со години предупредуваат на се почести суши во регионот, кој е особено тешко погоден од последиците од климатската криза.