Иран негира дека младиот демонстрант Ерфан Солтани е осуден на смрт

Солтани претходно беше наведен како прв демонстрант во Иран кој ја доби најстрогата казна од почетокот на сегашните немири.

Иранското судство ги негира извештаите дека демонстрантот Ерфан Солтани е осуден на смрт, објавија иранските државни медиуми. Солтани претходно беше наведен како прв демонстрант во Иран кој ја доби најстрогата казна од почетокот на сегашните немири. Неговото семејство претходно изјави дека им било кажано дека егзекуцијата е одложена.

Иранското судство објави дека 26-годишниот Ерфан Солтани, кој беше уапсен на 10 јануари за време на протестите во Иран, не е осуден на смрт. Солтани е обвинет за здружување против внатрешната безбедност на земјата и пропагандни активности против режимот, но судството разјасни дека смртната казна не се однесува на такви обвиненија доколку бидат потврдени од судот. Солтани е задржан во централниот затвор во Карај, се вели во извештајот.

26-годишниот Солтани, вработен во продавница за облека, беше уапсен минатиот четврток во Карај, град северозападно од Техеран, по учеството во протести. Групите за човекови права и роднините на Солтани во понеделникпт изјавија дека неговата егзекуција била закажана за вчера, но е одложена.

Од неговото апсење семејството добило малку вести за неговата состојба, освен кратката посета пред очекуваната егзекуција. Вчера, неколку часа по закажаното време, затворските власти ги информираа на телефон дека егзекуцијата е одложена, без да дадат дополнителни детали.

Солтани стана симбол на отпорот за иранските активисти бидејќи властите го засилуваат своето сузбивање на националното протестно движење. Групите за човекови права стравуваат дека многу повеќе случаи остануваат непријавени поради прекинот на интернетот во Иран, но велат дека неговиот случај ја истакнува брзината со која властите ги гонат демонстрантите.

Повеќе од 18.000 луѓе се уапсени, а најмалку 2.571 се убиени во последните две недели, според американските активисти за човекови права. Протестите почнаа на 28 декември по остриот пад на вредноста на националната валута и оттогаш се проширија во целата земја вклучувајќи барања за политички реформи.

Главниот судија на Иран вчера сигнализира дека судењата и егзекуциите ќе бидат брзи велејќи им на државните медиуми дека „треба да го сториме тоа сега“ за да влијаеме врз демонстрантите. Други судски претставници рекоа дека демонстрантите ќе бидат обвинети како „непријатели на Бога“, кривично дело казниво со смрт.

Според норвешката група „Иран човекови права“, Иран минатата година егзекутирал најмалку 1.500 луѓе.