Иран: Лидерот на Хамас убиен со проектил со краток дострел

Иранската револуционерна гарда денеска објави дека водачот на палестинската милитантна група Хамас, Исмаил Ханија, е убиен во Техеран со ракета со краток дострел со боева глава тешка околу 7 килограми и вети тешка одмазда за неговото убиство.

Атентатот во средата ги зголеми стравувањата од директна конфронтација меѓу Техеран и неговиот главен непријател Израел во регионот што веќе го потресе војната во Газа и влошувањето на конфликтот во Либан.

Одмаздата за убиството на лидерот на Хамас ќе биде „жешка и ќе се случи на соодветен начин, на соодветно место и во соодветно време“, се додава во соопштението на Иранската револуционерна гарда, која го обвини израелскиот „терористички ционистички режим“ за неговата смрт.

Иран и Хамас го обвинија Израел дека го извршил нападот во кој загина Ханија, неколку часа откако тој присуствуваше на инаугурацијата на новиот претседател на Иран.

Во соопштението на елитната гарда се обвинува и „криминалната американска влада“ за поддршка на нападот, за кој иранските медиуми велат дека се случил во северно предградие на Техеран.

Убиениот лидер на Хамас беше погребан во петокот во Катар, каде што живееше.