Иранскиот врховен водач: Нападот на Хамас врз Израел ќе доведе до победа на Палестинците

Иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи денеска изјави дека минатонеделниот напад врз Израел од страна на палестинското движење Хамас ќе доведе до победа за Палестинците, јави новинската агенција ИРНА.

„Дел од актуелните настани укажуваат на неверојатната моќ на исламот во Палестина и, ако даде Господ, движењето што започна во Палестина ќе продолжи напред и ќе доведе до целосна победа на Палестинците“, рече тој.

По средбата со лидерот на шиитската заедница во Нигерија, шеикот Ибрахим Закзаки, Хамнеи ја нарече војната во Газа „еден од симболите на моќта на исламот“.

Хамнеи го повика исламскиот свет да им помогне на Палестинците.

Тој повтори дека Иран не учествува во нападите на Хамас врз Израел и вети дека ќе продолжи да ги поддржува палестинските територии.