Ирак бара извинување од Анкара за гранатирањето на аеродромот

Ирак денеска ја повика Турција да се извини за гранатирањето на аеродромот Сулејманија во северниот дел на земјата. Багдад бара турската влада да ги прекине своите воени операции на ирачка територија.

Претседателството во Ирак посочи дека Турција нема правна основа „да продолжи со пристапот на заплашување на цивилите под изговор дека непријателските сили кон Турција се присутни на ирачка територија“.

Вчера беше извршен напад со дрон во областа на аеродромот во Сулејманија (Северен Ирак), соопшти Лаук Гафури, одговорен за односите со странските медиуми во регионалната влада на Северен Ирак. Тој прецизираше дека нападот не предизвикал никаква штета и не предизвикал откажување на летот.

Операцијата уследи неколку дена откако Турција го затвори својот воздушен простор за летови до и од Сулејманија поради, како што рече, зголемената активност во областа на борците од Курдистанската работничка партија (ПКК).

Курдистанската работничка партија, која води вооружена борба против турската држава од 1984 година, Анкара, ЕУ и САД ја сметаат за терористичка организација. Групата има бази во северен Ирак, а нејзините борци се активни во северна Сирија.