Инфлација од непартиски кандидатури по неуспехот на Собранието да го регулира собирањето потписи

Политичките аналитичари Марко Трошановски и Петар Арсовски очекуваат бројот на кандидатски листи на претстојните локални избори значително да се зголеми, што ќе доведе до забуна кај многу гласачи кои сè потешко ќе можат да го најдат кандидатот за кој сакаат да гласаат. Ваквите нивни анализи доаѓаат откако големите партии не успеаја да најдат праг за собирање потписи кој, од една страна, нема да биде превисок за да не ги спречува независните да учествуваат на изборите, но од друга страна, ќе постават некаков праг за да ги обесхрабрат оние кои се кандидираат само на шега или за да прават забуна кај гласачите.

Километарски гласачки ливчиња, со десетици различни кандидати за градоначалници и кандидатски листи за советници, на кои освен оние кои навистина имаат намера да успеат во изборната борба ќе се најдат и оние кои само си тераат мајтап. Ова е реална можност на претстојните локални избори, откако Уставниот суд ги укина членовите од Изборниот законик со кои се предвидуваше колку потписи треба да соберат независните кандидати за да може да учествуваат на изборите, а Собранието вчера не успеа да ги донесе измените за да го реши ова прашање, анализира ТВ Телма.

Големите партии не успеаја да најдат праг за собирање потписи кој, од една страна, нема да биде превисок за да не ги спречуваат независните да учествуваат на изборите, но од друга страна, ќе постават некаков праг за да ги обесхрабрат оние кои се кандидираат само на шега или за да прават забуна кај гласачите.

Политичките аналитичари очекуваат бројот на кандидатски листи значително да се зголеми, што ќе доведе до забуна кај многу гласачи, кои сè потешко ќе може да го најдат кандидатот за кој сакаат да гласаат.

„Дел од тие движења ќе бидат иницирани и од самите партии за да создадат еден манипулативен дискурс и да не се знае кој за кого гласа. Од друга страна, и оние што самоиницијативно би се пријавиле исто така ќе направат една долга листа што може да доведе до изборни нерегуларности во смисла да се гласа погрешно од оној за кој сте имале намера да гласате затоа што, сепак, имаме електорат со различно ниво на едукација“, вели политичкиот аналитичар Марко Трошановски.

Трошановски сепак вели дека ова е подобро решение од она кое го укина Уставниот суд – да се соберат еден отсто потписи од регистрираните избирачи.

Македонија веќе имаше ситуации во 2011 и 2016 година кога Социјалдемократската партија на Македонија кандидираше луѓе како Рада Шекерова, Зоран Зашов или Стево Продановски, многу слични на тогашните кандидати на СДСМ. Сега ваквата работа станува уште полесна.

„Бидејќи нема никаков праг, секој што сака да се кандидира, дури и некоја индивидуа, може да го направи тоа и може да се соочиме со огромен наплив на кандидатури со потврдени или непотврдени вистински граѓански иницијативи. Второ, политичките партии, како што им е тоа на нив својствено, веќе сме го гледале тоа во минатото, може да поднесуваат лажни кандидатури за да одземаат гласови од нивните конкуренти. Ние веќе сме имале такви ситуации во минатото. Тоа може да се случи од повеќе кандидати и од повеќе политички партии, така што навистина може гласачкото ливче да изгледа огромно“, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Арсовски смета дека проблемот не е во изборниот праг од еден отсто, кој според него не е превисок, туку во предвидливоста, односно во неменувањето на изборните правила во пресрет на изборите.

Инаку, на претходните локални избори во 2021 година, независните кандидатски листи требаше да соберат по неколку стотици потписи во зависност од големината на општината.

Во март 2024, Собранието донесе измени со кои се зголеми прагот за учество на независни кандидати на изборите на еден отсто собрани потписи од регистрираните гласачи во соодветната општина односно во Градот Скопје.

Според тие измени, наместо 350 потписи за учество на изборите во скопските општини, се бараа двојно повеќе потписи, а за Град Скопје, наместо дотогашните илјада се бараа 4 600 потписи. На пример, партија се регистрира со илјада потписи и може да учествува на сите избори.

Уставниот суд ги укина овие измени како дискриминаторски, а Собранието не донесе нови, па сега нема никаков праг.