Инфлацијата во ЕУ продолжува да расте, запалено е црвено светло во балтичките земји

Годишната стапка на инфлација мерена со усогласениот индекс на потрошувачките цени на ниво на целата Европска унија во август скокна од 9,8 (како што беше во јули) на 10,1, објави „Евростат“.

Во еврозоната, регион составен од 19 членки на Унијата кои делат заедничка валута, растот на цените се забрза од 8,9 отсто во јули на 9,1 отсто во август. Во еврозоната најголем придонес за стапката на инфлација имаа цените на енергенсите, а потоа храната, алкохолните пијалоци и тутунот, се вели во соопштението.

Според податоците на Евростат, балтичките земји имаат најголема инфлација.

Во Естонија таа изнесуваше дури 25,2 отсто, а Латвија и Литванија не можат да се задоволат само со малку пониски стапки од, соодветно, 21,4 отсто и 21,1 отсто.

Од друга страна, Франција е единствената земја каде што годишниот раст на цените во август бил под седум отсто, односно изнесувал 6,6 отсто.

На Франција во групата земји со најниска инфлација и се придружуваат Малта со скок на цените од седум отсто и Финска, каде цените во август беа за 7,9 отсто повисоки од истиот месец од претходната година.