Обезбедувањето на претстојниот Мундијал, каде се очекуваат два милиони луѓе, ќе биде „многу строго“ бидејќи сите навивачи ќе бидат собрани во еден град, изјави претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино.
Првиот човек на ФИФА одржа и прес-конференција на која се осврна на Светското првенство чиј домаќин на крајот на годината ќе биде Катар.
„Сите навивачи од целиот свет се добредојдени да слават, да се журкаат, да гледаат натпревари, но ако некој сака да дојде и да прави немири или нешто слично, секако дека не е добредојден и сите ќе бидеме многу строги, бидејќи безбедноста на сите е најважни“ – изјави Инфантино.
Според првиот човек на ФИФА, Светското првенство се очекува да го посетат „речиси два милиони луѓе од целиот свет“, во земја со 2,6 милиони жители.
„Ќе имаме навивачи од сите земји во ист град, не само навивачи на две земји кои играат натпревар во еден ден, сите ќе бидат таму цело време. Поради оваа причина, се разбира, подготовката не е едноставна, не е лесна, има многу работи што треба да се земат предвид, безбедност, сместување, превоз и се прават сите можни напори да биде забавно за сите“ – додаде тој.
„Ќе биде како кога детето за првпат ќе отиде во Дизниленд и ќе види игри и играчки, за љубителите на фудбалот тоа ќе биде уникатно искуство“ – заклучи Инфантино.