Интерпелација за премиерот Курти во косовското Собрание

Косовскиот премиер Албин Курти ќе се соочи денеска со пратениците во републичкото Собрание на интерпелација свикана поради „ургентните мерки на владата во однос на состојбата во земјата“.

Конкретно, интерпелацијата е побарана од опозицијата по ситуацијата создадена на косовскиот север, населен со мнозинско етничко српско население, поради нелегалните регистарски таблички издадени од Србија. Пленарната седница започна во 11:30 часот.

Минатата недела беше постигнат договор меѓу Приштина и Белград, со кој Косово се обврза да не ги казнува граѓаните кои не ги смениле српските со косовски таблички, а Србија да не издава повеќе таблички со акроними на косовските градови. Спогодбата ја постигнаа главните преговарачи на двете земји, косовскиот вицепремиер Бесник Бислими и директорот на Канцеларијата за Косово при српската влада, Петар Петковиќ, откако два дена порано не успеа средбата меѓу Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.