
Интересот за кредити не стивнува, населението должи кај банките над 4 милијарди евра
Бројките покажуваат дека домаќинствата се позадолжени, и нивниот долг надминува 4 милијарди евра, или 250,139 милиони денари (4,067 милијарди евра). Компаниите должат нешто помалку или 241,446 милиони денари односно 3,9 милијарди евра.
Задолженоста на македонските граѓани и компании надмина 8 милијарди евра, покажаа најновите податоци на Народната банка на Македонија. Кредитната задолженост на домаќинствата и на стопанството незапирливо расте од месец во месец. Па така, во јануари, долгот на граѓаните и компаниите достигнал до 494,098 милиони денари или 8,034 милијарди евра, објавува Фактор.
Бројките покажуваат дека домаќинствата се позадолжени, и нивниот долг надминува 4 милијарди евра, или 250,139 милиони денари (4,067 милијарди евра). Компаниите должат нешто помалку или 241,446 милиони денари односно 3,9 милијарди евра.
– Вкупните кредити, во јануари, се намалени за 0,1 отсто на месечна основа, како резултат на падот на кредитирањето на корпоративниот сектор, при раст на кредитите на „домаќинствата“. На годишна основа е забележан раст од 11,3 проценти, којшто се должи на зголеменото кредитирање кај двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор – укажуваат од Народна банка во нивниот последен извештај.
Понатаму е истакнато дека кредитите на корпоративниот сектор имаат намалување од 0,4 проценти на месечно ниво, како резултат на падот на кредитите во денари, додека кредитите во странска валута бележат раст. Кредитите на корпоративниот сектор се зголемени за 14,2 отсто на годишно ниво поради зголеменото кредитирање во денари.
Банкарите укажуваат дека кредитите на домаќинствата имаат и месечен и годишен раст. Притоа на месечна основа задолженоста на домаќинствата пораснала за 0,2 проценти, додека пак на годишна за 8,8 отсто. Притоа укажуваат дека најголем дел од растот е за кредити земени во денари, но се бележи раст и на кредитите во странски валути.
– Во јануари, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај потрошувачките кредити, како најзастапена категорија, е остварен месечен пад од 0,3 отсто, при годишен раст од 8,4 проценти. Станбените кредити се зголемени за 0,5 отсто на месечно и 12,7 проценти на годишно ниво. Овој месец, автомобилските кредити бележат месечен и годишен раст од 0,7 проценти и 5,1 отсто. Во јануари, кај кредитите одобрени на кредитни картички е забележан пад од 1,1 проценти на месечно ниво и 9 отсто на годишно ниво. Кај негативните салда на тековните сметки, овој месец е остварен месечен раст од 11,4 проценти, при годишен пад од 4,6 отсто, додека кредитите одобрени врз други основи се намалени за 1,2 отсто и 10,2 проценти на месечна и на годишна основа – посочуваат од НБРСМ.
Бројките покажуваат дека најголем интерес меѓу населението има за потрошувачки и станбени кредити. Имено, на крајот на јануари само за потрошувачки кредити граѓаните должеле над 2 милијарди евра, додека пак за станбени кредити граѓаните должат 1,6 милијарди евра. За автомобилски кредити долгот надминува 6 милиони евра, додека пак на кредитни картички долгот надминува 143,6 милиони евра.
Извор: Фактор