Претседателот на Стопанската комора на Македонија – Бранко Азески во интервју за Трилинг вели дека уште во март 2020 година, во колумна претставил што ќе значи пандемијата за светот. „Сето тоа влече корени од 2008 година, од тогаш сме во кризна ситуација, но околностите беа потценети“, смета Азески.
„Актуелниот миг е специфичен, сериозен судир, секако полесно ќе се совлада ако имаме држава со капацитет. Уште се залагаме некој друг да ни ги решава прашањата“ смета тој.
Азески за последиците од руско-укранскиот конфликт врз македонската економија вели „Мора да одиме кон гасификацијата, треба да повлечеме што повеќе гас низ цевката што ја спушта цената и нас не прави конкурентни. Економијата наша е свртена пред се кон Европа, кон Германија. Ако останат санкциите кон Русија, таму ќе се намали економијата, а ќе се намалат и нарачките кон нас, пред се од компаниите кои работат во ТИРЗ“.
„Може да страдаат и мали компании кои соработуваат со Русија, односно Украина – ќе згаснат“ вели тој.
За таканаречените „воени профитери“ кај нас, Азески вели дека дел од компаниите ќе профитираат се додека полицијата не ги фати, инспекциските служби треба да си ја работат својата работа и да ги санкционираат.
„Кризата ќе покаже колкав е капацитетот на македонската држава“ – вели тој.