Институциите не постапуваат по претставката за хотелот во Горица

И покрај поднесената претставка од страна на 25 граѓански организации, ниту една од надлежните институции не постапила во законски предвидениот рок во врска со незаконската изградба на хотелот во охридската населба Горица. Со тоа, Кабинетот на премиерот, Владата и Општина Охрид го прекршиле и Законот за постапување по претставки и предлози, алармира Фронт 21/42.

И покрај поднесената претставка од страна на 25 граѓански организации, ниту една од надлежните институции не постапила во законски предвидениот рок во врска со незаконската изградба на хотелот во охридската населба Горица. Со тоа, Кабинетот на премиерот, Владата и Општина Охрид го прекршиле и Законот за постапување по претставки и предлози, алармира Фронт 21/42.

„Долгата листа на прекршувања на Законот за градење, Законот за општа управна постапка, Законот за животна средина, Законот за управување со светското наследство, Законот за инспекциски надзор, Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори, Бернската и Конвенцијата на УНЕСКО, а со тоа и на Уставот, деновиве се прошири и со прекршување на Законот за постапување по претставки и предлози, од страна на Кабинетот на премиерот, Владата и градоначалникот на Општина Охрид. Имено, ниту една од овие институции не постапи во законскиот рок по претставката со која 25 организации алармираа за беззаконието поврзано со овој хотел и побараа негово отстранување,“ стои во соопштението на Фронт 21/42.

Од Кабинетот на премиерот информирале дека документот го препратиле до Општина Охрид и МЖСПП, додека Генералниот секретаријат на Владата го препратил повторно до Општината. Со тоа, институциите избегнале да постапат по сопствените законски надлежности наведени во самата претставка.

Од Фронт 21/42 велат дека не добиле реакција ниту од пратениците, ниту од вицепремиерот за добро владеење и транспарентност, иако сите тие добиле копија од претставката. Исто така, уште во март случајот бил поднесен до Државната комисија за спречување на корупцијата, но досега не е донесена никаква одлука.

Покрај хотелот во Горица, Фронт 21/42 алармира и за ново расчистување на терен во рамките на Студенчишко Блато, на локација која претходно била незаконски приватизирано државно земјоделско земјиште. Иако уште во април 2023 година е поднесена пријава до Државниот инспекторат за животна средина, институциите одговориле дека сопствениците на земјиштето прават насип за заштита од вода.

Во соопштението се посочува и дека урбанизацијата на Националниот парк Галичица продолжува со поддршка на институциите. Пример е хотел-дивоградба во селото Рамне, каде е најавен нов урбанистички план кој можеби ќе овозможи легализација токму на тој објект.

Организацијата потсетува и дека од 43 итни мерки предвидени со Стратегискиот план за рехабилитација на Охридскиот Регион, до 1 февруари 2025 година требало да се спроведат сите – а реализирани се само 4, од кои само една суштинска. Останатите, вклучително и обврските на Владата и Општина Охрид, останале само на хартија.

Бернската конвенција неодамна повторно испрати писмо до државата, барајќи спроведување на точките од одлуката 221 (2023). Два дена по приемот на писмото, МЖСПП издало две нови Решенија за услови за планирање на просторот на територијата на Општина Струга – спротивно на барањата на Конвенцијата.

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО за помалку од еден месец ќе одлучува дали Охридскиот Регион ќе биде впишан на Листата на светски наследства во опасност. Од Фронт 21/42 порачуваат дека домашните институции не покажуваат никаква свест или одговорност кон вредностите на светското наследство, ниту кон идните генерации.

„Можеби впишувањето во оваа листа ќе спречи една од првите населби на европската цивилизација, некогашниот културен центар на Византија, колевката на словенската писменост и светското наследство на Југославија – за секогаш да се трансформира во дувло на корупција и криминал од страна на современа Македонија,“ заклучуваат од Фронт 21/42. (Мета)