Инженери и техничари од „Фероинвест“ инсталираат трета хидроелектрана во Грузија
Инженери и техничари од фабриката „Фероинвест“ работат на инсталирање на трета хидроелектрана во Грузија.
Таму, на подготвен терен ги пречекале турбински куќишта кои што на почетокот на ноември биле испорачани од фабриката „Брако“ во Велес.
Веднаш потоа биле испорачани три возила со дополнителна електромашинска опрема. Во моментов, се монтира опремата во првата фаза.
„По завршување на првата фаза, следува секундарно бетонирање на турбинските куќишта и сушење на бетонот во период од 14 дена. Во тој период, во Грузија ќе пристигнат уште два камиони со генератори со што почнува втората фаза од монтажата на опремата“ – информираат од компанијата.
За монтажа на опремата во втората фаза, на теренот во Грузија ќе пристигне друг тим од електроинженери и техничари кои паралелно ќе работат на монтажата на електроопремата (среднонапонски ќелии, нисконапонски ормари, трансформатори, каблирање), а првата екипа ќе продолжи со останатата машинска опрема (работно коло, инјектори, млазници, хидраулични цилиндри, хидраулични агрегати), информираат од компанијата.
Последната, трета фаза од монтажата на опремата во Грузија, ќе пристигне тим од секторот за управување и СКАДА со што започнува тестирањето на опремата, конфигурирање на СКАДА системот, тестирање на генераторски лежишта и 24-часовен тест, по што се смета дека хидроелектраната е пуштена во работа.
Групацијата Брако – Фероинвест произведе опрема за две други хидроелектрани во Грузија ХЕ „Ипари“ и ХЕ „Келра“ кои веќе две години успешно произведуваат електрична енергија.