„Инвеститорски ден“, можност за физичките лица да тргуваат на македонската берза без трансакциски трошоци

На Инвеститорскиот ден сите домашни физички лица ќе можат да купат или продадат кои било акции без да ги платат провизиите кон Берзата, ЦДХВ и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи) што се вклучени во оваа иницијатива.

Со цел промовирање на уште поактивно учество на домашните индивидуални инвеститори на македонскиот пазар на хартии од вредност и вложување на населението во акции издадени од домашните компании што се тргуваат на Македонска берза, односно зголемување на знаењето за овие финансиски инструменти и подобрување на инвестициската култура во нашата држава, Берзата денеска по шести пат го организира настанот „Инвеститорски ден“.

-Оваа иницијатива ја прифатија и во неа активно се вклучија Централниот депозитар за хартии од вредност, сите единаесет членки на Берзата и ЦДХВ, а истата доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност. Одржувањето на Инвеститорскиот ден значи дека на тој ден на тргување на Берзата сите домашни физички лица можат да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без трансакциски трошоци што ги наплатуваат овластените пазарни институции и учесници, се вели во соопштението од Берата.

На Инвеститорскиот ден сите домашни физички лица ќе можат да купат или продадат кои било акции без да ги платат провизиите кон Берзата, ЦДХВ и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи) што се вклучени во оваа иницијатива.

– Притоа треба да бидат исполнети следните услови: инвеститорите да склучат нормални трансакции со акции преку БЕСТ системот, со посредство на некоја од подолу наведените членки на Берзата; износот на остварениот дневен промет по индивидуален инвеститор да не изнесува повеќе од 10.000 евра, независно од бројот на берзански трансакции преку кои истиот ќе биде остварен; трансакциите да бидат склучени преку клиентска, односно сопственичка сметка, се потенцира во соопштението.

Во него се додава и дека системските и администраторските блок трансакции, јавните понуди и јавните берзански аукции се исклучени и се наплатуваат стандардно, како и оти сите единаесет членки на Берзата го поддржуваат Инвеститорскиот ден.