Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, вчера веднаш до нејзиното гаражно место, каде што го паркира приватното возило, пронашла импровизиран кревет и забоден кујнски нож.
Кацарска случајот го пријавила во полиција, од каде што го потврдија настанот и велат дека за него е известен надлежен јавен обвинител.
Дополнително, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Во информацијата на Министерството за внатрешни работи не е наведено дека станува збор за претседателката на Уставниот суд, но иницијалите на пријавителот на случајот одговараат на нејзиното име и презиме.
„На 14.5.2024 г. во СВР Скопје од страна на Д.К. било пријавено дека во подрачјето на Центар во подземни гаражи, во нејзино гаражно место, биле пронајдени импровизиран кревет и кујнски нож кој бил забоден на прекинувачот за светло. Известен е надлежен јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот“ – велат од Министерството за внатрешни работи.