Името Азир Алиу е наведено прво во списокот на советници на Груевски објавен од Владата на СДСМ во мај 2018 година

Советник на Груевски за високо образование, наука и ИКТ му бил кандидатот на АА за министер за информатичко општество и администрација.Името Азир Алиу е наведено прво во списокот на советници на Груевски објавен од Владата на СДСМ во мај 2018 година.

„Оваа држава ќе биде без менталитетот на Груевски и неговите остатоци во белата палата која е поцрнета од криминалите“, пишува во денешното соопштение од Алијанса за Албанците кое е реакција на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ

Азир Алиу – кандидатот за министер за информатичко општество и администрација од редовите на Алијанса за Албанците бил советник на Никола Груевски додека тој беше шеф на Владата. Алиу навел дека од 2013 до 2017 работел како советник за високо образование, наука и ИКТ во кабинетот на премиерот. Премиер во тој период беше Никола Груевски, кој во меѓувреме за да не оди во затвор, побегна во Унгарија.

Дел од биографијата на Азир Алиу доставена од премиерот Димитар Ковачевски до Собранието
 Четириесет и седум годишниот Алиу е доктор по информатички науки и редовен професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Родум е од Гостивар .Тој е дел од предлогот за реконструкција на Владата што премиерот Ковачевски веќе го достави до парламентот, по договорот со Арбен Таравари за влез на Алијанса на Албанците во владиниот состав.

Од друга страна, лидерот на Алијанса за Албанците во повеќе изјави во последно време зборува дека ВМРО-ДПМНЕ е нереформирана и останата во времињата на Никола Груевски. Таква теза има и во денешната реакција на Алијанса на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ја разбираме омразата на ВМРО-ДПМНЕ кон Алијанса за Албанците и нашите експоненти, која потекнува од 2017 година кога го прекинавме нивниот режим и во многу други случаи кога ниту се предадовме, ниту дозволивме тој режим да се врати … Оваа држава ќе биде без менталитетот на Груевски и неговите остатоци во белата палата која е поцрнета од криминалите“, пишува во соопштението од Алијанса.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, при гостување на МРТВ во септември минатата година оцени дека ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски е исто како тоа на Груевски.

„Нема никаква разлика, затоа што ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ е само наследство на претходното раководство. Тоа се советниците во кабинетот на поранешниот претседател или претседател на Влада“, кажа Ковачевски.