Илјадници Израелци заглавени на Кипар, хотелите речиси целосно пополнети

Израелскиот портал „Маркер“ јавува дека се разгледува можноста блокираните граѓани да бидат евакуирани преку море, преку пристаништето во Ларнака. Според порталот, над 80.000 Израелци се заглавени во странство, а околу 40.000 странски туристи не можат да го напуштат Израел.

Илјадници израелски граѓани се блокирани на островот Кипар поради воената ескалација меѓу Израел и Иран, а високата пополнетост на хотелите предизвикува загриженост во однос на можноста за нивно сместување, пишува кипарскиот весник „Филелефтерос“.

Во моментот, околу 90 отсто од хотелските капацитети во јужниот, кој е под контрола на владата, дел на Кипар, се исполнети. „Илјадници Израелци се заглавени на Кипар – властите не можат да најдат сместување за сите“,  пишува весникот „Израел ајом“. Кипарските власти ја потврдија високата пополнетост на капацитетите, но не навеле дека ситуацијата излегла од контрола.

Христакис Касијанос од потминистерството за туризам изјавил дека „пополнетоста е невообичаено висока за овој период“, но уверил дека не постои сериозен проблем и дека институциите се подготвени да реагираат доколку биде потребно. Во некои региони, како што наведе, пополнетоста достигнува дури 97–98 проценти.

Во петокот, 32 авиони со вкупно 2.427 патници слетаа на Кипар откако воздушниот простор на Израел беше затворен. Од нив, 23 летови со 979 лица пристигнаа во Ларнака, а девет летови со 1.448 патници во Пафос. Ситуацијата дополнително се комплицира затоа што голем дел од Израелците кои веќе се на одмор на островот го продолжуваат престојот бидејќи не можат да се вратат дома.

Кипарската Асоцијација на хотелиери соопшти дека 80–90 отсто од леглата се пополнети, а во Ларнака пополнетоста надминува 90 отсто. Во Фамагуста, ситуацијата е нешто порелаксирана, па се очекува дел од туристите да бидат пренасочени таму.

Министерството за туризам ги повика хотелите да пријават слободни капацитети и да го ажурираат планирањето според резервациите. Весникот „Филелефтерос“ наведува дека досега не е регистриран ниту еден инцидент поврзан со кризата, но се забележуваат засилени мерки на безбедност на аеродромите, пристаништата и хотелите.

Израелскиот портал „Маркер“ јавува дека се разгледува можноста блокираните граѓани да бидат евакуирани преку море, преку пристаништето во Ларнака. Според порталот, над 80.000 Израелци се заглавени во странство, а околу 40.000 странски туристи не можат да го напуштат Израел.