Или си претседател на сите, или не си претседател, вели Пендаровски

Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски вечерва во интервју за емисијата Топ Тема на Телма телевизија порача дека тој ниту ги делел, ниту некогаш ќе ги дели граѓаните по која било основа.

„Или си претседател на сите, не можеш да бидеш претседател, јас сум Македонец, не можам да бидам само на Македонците, не можам да бидам само на оние кои ме гласале, се разбира и на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ кои гласале за друг кандидат. Јас во меѓувреме и при номинациите кои ги имам правено во органи или најблискиот круг соработници, органи на кои сум надлежен, имам поставено луѓе од другите, немакедонски националности” порача Пендаровски.

Пендаровски додаде дека за жал, македонското општество е длабоко етнички поларизирано и дека тоа треба да се промени.

„Имаме за жал длабоко етничко поларизирано општество, се разбира ги има и тие тези, многу се присутни. Гледајте, сега друг контра наратив на овој првиот. И затоа јас не го користам ни првиот, ни вториот. Вели ако немој да се приближуваш многу кон немакедонските гласови зошто ќе те сметаат за полтрон, за слуга нивни, ако не се нашите гласови ти не можеш да бидеш избран и тоа има контра ефект врз Македонците. Никогаш не сум ги сметал така гласовите, ниту денес, ниту било кога во животот. Јас сум тој што сум, еве 25, 26 години сум на јавна сцена, пет години сум претседател, секој ден сум транспарентен, знаете што зборувам, што мислам, кај сум грешел, кај сум направил добро, дури мислам и дека нема потреба од некоја посебна кампања затоа што бев претходно пет години на ачик на македонската јавност. Јас сум тој, јас не глумам, јас не сум поинаков Пендаровски Стево. Граѓаните ме познаваат кој сум, мислам дека еден дел од сите етнички заедници, не секоја етничка заедница ќе гласаат за тоа што јас го нудам бидејќи знаат што правев изминативе пет години. Не може никој да ме обвини дека сум бил националист, или дека некого сум понижувал, деградирал само затоа што не е Македонец, или не гласал за мене.” порача претседателскиот кандидат.