Израел тврди дека убил 40 палестински борци во тунелите во Рафа

Израелските сили во изминатите 40 дена ги концентрираа своите напори во источниот дел на Рафа, „со цел демонтирање на преостанатите подземни мрежи на тунели во регионот и елиминирање на терористите кои се кријат таму“, се наведува во соопштението на израелската војска.

Израелската војска синоќа соопшти дека убила повеќе од 40 палестински борци во изминатата недела за време на операциите во тунелите во близина на Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа.

Израелските сили во изминатите 40 дена ги концентрираа своите напори во источниот дел на Рафа, „со цел демонтирање на преостанатите подземни мрежи на тунели во регионот и елиминирање на терористите кои се кријат таму“, се наведува во соопштението на израелската војска.

„Во текот на изминатата недела, повеќе од 40 терористи беа елиминирани во областа на мрежата на тунели, а десетици влезови во тунели и терористички инфраструктурни локации, како над, така и под земја, беа демонтирани“, се додава во соопштението.

Претходно, израелската војска соопшти дека убила четворица палестински борци кога излегувале од тунел во Рафа.

Неколку извори минатата недела изјавија дека се во тек преговори за судбината на десетици борци на палестинското исламистичко движење Хамас, кои неколку недели се заробени во тунели во секторот на Појасот Газа кој е под контрола на Израел.

Според неименуван функционер на Хамас во Газа, се верува дека „меѓу 60 и 80 борци“ се заробени под земја во Рафа.

Хамас во средата ги повика земјите посредници да извршат притисок врз Израел за да им дозволи на борците да ги напуштат тунелите во кои се заробени на палестинската територија, во областа каде што израелската војска повторно се распореди како дел од договорот за прекин на огнот кој е во сила од 10 октомври.

Примирјето постигнато по повеќе од две години војна предизвикана од терористичкиот напад на Хамас врз израелската територија на 7 октомври 2023 година, останува многу кревко, а двете страни меѓусебно се обвинуваат за негово прекршување.

Во Појасот Газа поради војната владее многу сериозна хуманитарна криза.