Израел соопшти дека уништил две третини од силите на Хамас

Израел уништи околу две третини од борбените сили на Хамас во Газа, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, ветувајќи дека ќе ја продолжи војната до „тотална победа“.

„Постојат две фази на борби: првата е уништување на единиците на Хамас, тоа се нивни организирани борбени рамки“, рече Нетанјаху на прес-конференција во Тел Авив.

„Досега, 16 или 17 од 24 се уништени. После тоа, следи (фаза) на чистење на територијата (од милитанти). Првата акција е обично пократка, втората обично трае подолго“, додаде тој.

Држејќи фотографија од паднатиот израелски војник, Нетанјаху рече дека војниците не загинале залудно и вети дека борбите ќе продолжат се додека Хамас не биде поразен и заложниците не се вратат од Газа.

„Ќе бидат потребни многу месеци за да победиме, но ние сме решени да го постигнеме тоа“, рече Нетанјаху.

Војната во Газа започна кога милитантите на Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи 1.200 луѓе и зедоа 240 заложници. Израел тврди дека повеќе од 130 се уште се во заробеништво.

Израел одговори на нападот на Хамас со опсада, бомбардирање и копнена инвазија на Газа.