Повеќе од 100 Палестинци загинаа, а десетици се ранети во израелски напад врз училиште во Газа каде се сместени раселените луѓе, јавува Ројтерс повикувајќи се на палестинската новинска агенција, додека израелската армија (ИДФ) соопшти дека погодила команден центар на Хамас.
„Израелските напади беа насочени кон раселените луѓе додека тие извршуваа утринска молитва, поради што бројот на жртви е голем“, соопшти владата во Газа предводена од Хамас.
ИД соопшти дека израелските воздухопловни сили нападнале „командно-контролен центар што служел како засолниште за терористите и командантите на Хамас“.
„Израелските воздухопловни сили прецизно ги погодија терористите на Хамас кои дејствуваа во командниот и контролниот центар на Хамас лоциран во училиштето Ал-Табааен, веднаш до џамијата во Дарај Туфах, која служи како засолниште за жителите на градот Газа“ се вели во соопштението.
ИД додаде дека пред нападот биле преземени бројни чекори за да се намали ризикот од штета на цивилите, вклучително и употреба на прецизна муниција, воздушно набљудување и разузнавање.
Канцеларијата за медиуми на владата во Газа оцени дека израелскиот напад врз училиштето Ал Табаен во Газа, во кој загинаа најмалку 100 лица, е геноцид и етничко чистење на Палестинците.
„Ова јасно може да се смета за чин на геноцид и етничко чистење врз нашиот палестински народ. Окупаторската армија директно ги бомбардира раселените додека тие ја извршуваа утринската молитва, што доведе до нагло зголемување на бројот на загинатите“ се вели во соопштението.