Израелската армија го опколи бегалскиот камп Џабалија и додека фокусот на нејзината копнена офанзива се чини дека е на југ, таа истрела стотици тенковски гранати во северниот камп во Газа, каде 100.000 луѓе немаат функционална болница и се во опасност од глад, пренесува BBC.
Ситуацијата во најголемиот бегалски камп е исклучително тешка, израелски тенкови го опколија густо населената област. Локалните власти управувани од Хамас соопштија дека сѐ уште има околу 100.000 луѓе во бегалскиот камп кои немаат функционална болница и се во опасност од глад.
Ниту една помош не стигна до северот на палестинската енклава откако на почеотокот од седмицата пропадна хуманитарното примирје, а додека траеше изрраелските власти овозможија многу малку храна и гориво да влезат.
Педесет ишестгодишната Ханан Алтурок, мајка на осум деца, која живее во близина на Џабалија, сведочи за британскиот јавен сервис за катастрофалната состојба и стравува дека нејзините деца ќе умрат од глад.
„За време на прекинот на огнот се преселивме во болницата, мислевме дека е побезбедно отколку во мојата куќа, но вчера гранати паѓаа внатре во местото и моравме да бегаме од оган“, изјави таа за BBC.
„Мојот сопруг Махер беше убиен на 29. ноември додека се обидуваше да купи храна на локалниот пазар, не знам што да правам или каде да одам, немам пари, немам храна и многу малку вода за пиење“. „Се плашам дека моите деца ќе умрат од глад“, рече таа.
Генералниот директор на Министерството за здравство со кое раководи Хамас, д-р Мунир Ал-Бурш, вели: „Вчера ископавме масовна гробница на пазарот Џабалија за повеќе од 100 маченици, чии тела изгнија во опколената болница Камал Адван“. „Ниту една северна болница не е во функција, вклучително и последната функционална болница Камал Адван, која беше силно бомбардирана од артилериски гранати“, рече тој.