Израелски министер ги обвини мировниците на ОН дека се „бескорисни“
Израелскиот министер за енергетика Ели Коен денеска ги обвини мировните сили на Обединетите нации УНИФИЛ во јужен Либан дека се бескорисна сила која не успеала да ги заштити израелските граѓани од нападите на Хезболах и ги повика да се повлечат додека борбите се интензивираат.

-Државата Израел ќе направи се за да ја обезбеди безбедноста на своите граѓани, а ако ОН не можат да помогнат, барем да не се мешаат и да го преселат својот персонал од борбените зони, објави тој на „X“.
ОН соопштија дека израелски тенкови упаднале во нивната база во неделата, што е најново тврдење за израелско прекршување против мировниците, додека Хезболах пушти смртоносен „рој беспилотни летала“ во израелски воен камп.
Израел го оспори извештајот на ОН, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги повика мировниците да се повлечат, велејќи дека тие му обезбедуваат „човечки штит“ на Хезболах за време на ескалацијата на непријателствата.
Мировниците на УНИФИЛ соопштија дека два израелски тенкови Меркава ја уништиле главната капија на базата и влегле насилно пред зори во неделата.
-Откако тенковите си заминаа, гранатите експлодираа на 100 метри оддалеченост, испуштајќи чад што се издигна низ базата и го разболе персоналот на ОН, се вели во соопштението.