Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека нападнале команден центар на палестинската милитантна организација Хамас лоциран во зграда во северниот дел на Газа, која претходно служела како училиште.
– Терористите на Хамас го користеа командниот и контролниот центар за планирање и извршување на терористички напади против трупите на ИДФ и државата Израел, соопшти војската во објава на Телеграм рано денеска.
Палестинската агенција Вафа јави дека во израелскиот напад врз училиштето Халим ал Сади во Џабалија, во Појасот Газа, загинале најмалку осум лица, а 15 се ранети.
ИДФ соопшти дека израелските воздухопловни сили „извршиле прецизен удар врз терористите кои дејствувале“ во зградата, додавајќи дека „преземени се бројни чекори за да се намали ризикот од повредување на цивили, вклучително и употреба на прецизна муниција, воздушно набљудување и дополнителни разузнавачки информации.
Информациите засега не можат независно да бидат проверени, нагласува ДПА.