
Изложба на фотографии „Јадрански минијатури“ на Тончи Станчиќ
Во Културно-информативниот центар – Скопје (Империјал 1) вечер во 18, 30 часот ќе биде отворена излобата на фотографии „Јадрански минијатури“ на хрватскииот фотограф и поранешен дипломат Тончи Станчиќ.
Секоја фотографија, во својата суштина, е обид за припитомување на неуловливото, а делата на Тончи Станчиќ ни го носат токму тоа – визуелни партитури во кои светлината не служи само како технички предуслов, туку како главен протагонист и градбен елемент. Авторот на овие фотографии често го нарекуваат „мајстор на деталот со око на патник“, бидејќи тој не настапува како обичен набљудувач што пасивно ја бележи стварноста; тој, како некаков современ алхемичар, ја преобразува во субјективна визија, нудејќи ни „поглед кон естетиката на неуловливото“, во кој се бришат границите меѓу виденото и почувствуваното.
М-р Влахо Бранѓолица вели дека изложбата на Тончи Станчиќ, под наслов „Јадрански минијатури“, ни нуди многу повеќе од проста документација на реалноста; таа е длабоко нурнување во интимата на авторот. Секој кадар функционира како визуелен хаику, концизен во емоцијата, а раскошен во значењето. Авторот не фаќа само објекти, туку го лови неуловливото – тишината меѓу два вдишувања, трепетот на сенката на ѕидот и атмосферата што се граничи со ониричното. Преку играта на светлина и сенка, контрасти и бои, овие фотографии стануваат огледала на нашите сопствени внатрешни пејзажи, повикувајќи го набљудувачот да забави и во деталот да го пронајде универзалното.
-Во овие дела среќаваме мотиви што одбиваат да мируваат. Тие се во постојано движење, треперливи и речиси онирични, како да се стремат во својот запис да ја впијат целата сила на моментот што ѝ бега на голото око. Тоа не се обични фактографски белешки, туку автентични светлописи во кои надворешниот свет се прожима со длабоките внатрешни расположенија на авторот. Резултатот се апстрактни форми – понекогаш јасни линеарни патеки, а понекогаш бизарни, флуидни структури што нè воведуваат во простори на наслутување, посочува Бранѓолица.
Тоа се интимни, минималистички визуелни приказни што авторот вешто ни ги пласира нам, гледачите, на свој едноставен и допадлив начин. Без разлика дали станува збор за игра на сенки на ѕид, за ритмичко повторување на геометриските облици на едрата или за човечко тело кое окото на фотографот го сублимира во вибрантна форма во просторот, замрзнато во времето на трансцендентален ментален простор – тоа им пркоси на сите сили на природата и станува непредвидлива и чудна фигура на театарот на сенки во Станчиќевото непрестајно трагање по суштината на светлината на неговото ментално платно.

Делата на Тончи Станчиќ, изложени во галеријата Киц, не се само прикази на природата, туку студии за светлината и текстурата. Авторот му пристапува на мотивот со речиси архитектонска прецизност, често користејќи широк кадар за да ја нагласи грандиозноста на морето и пригушениот крик на испреплетената вегетација што им пркоси на орканските налети на југото.
Но, она што ги издвојува овие дела е минуциозната употреба на фотографската техника со која палимпсестот од испреплетени структури и богати текстури го доведува во однос на идеален баланс, претворајќи ги статичните мотиви во флуидни визии. Оваа изложба е триумф на естетиката што нè потсетува дека природата е врвен уметник, а фотографот само понизен медиум кој нејзината убавина ја преведува во вечност.
Тончи Станичиќ (Сплит, 1954) е хрватски фотограф и поранешен дипломат. Дипломирал на Правниот факултет во Сплит во 1977 година, каде што работел како асистент и предавач по кривично право од 1978 до 1992 година. Магистрирал на Правниот факултет во Загреб во 1985 година. Од 1992 до 2019 година, имал високи позиции во Министерството за надворешни работи на Република Хрватска, вклучувајќи ги позициите заменик-амбасадор, помошник-министер и амбасадор во неколку европски градови.
Со фотографија се занимава уште од младоста. Од 2007 година, изложува на самостојни и групни изложби, меѓу кои се издвојуваат „По патот…“, „Чекор зад реалноста“ и „Босна и Херцеговина и други приказни“. Неговите дела се претставени и на онлајн изложба на платформата Fotosofia.