Излезни анкети: Милановиќ 51,48 отсто, а Приморац 21,3 отсто
Актуелниот хрватски претседател и кандидат на СДП Зоран Милановиќ, според првите податоци од излезните анкети, објавени од хрватската Нова ТВ, освоил 51,48 отсто, што, доколку се покажат како точни, би било негова победа во првиот круг од претседателските избори во Хрватска.
Актуелниот хрватски претседател и кандидат на СДП Зоран Милановиќ, според првите податоци од излезните анкети, објавени од хрватската Нова ТВ, освоил 51,48 отсто, што, доколку се покажат како точни, би било негова победа во првиот круг од претседателските избори во Хрватска.
Според истите податоци, кандидатот на ХДЗ Драган Приморац има поддршка од 19,29 отсто, независната кандидатка Марија Селак Распудиќ 8,84 отсто, а кандидатката на Можеме – Ивана Кекин 8,33 отсто.
Исто така, независниот кандидат Томислав Јоњиќ има поддршка од 3,99 отсто, Миро Буљ од партијата Мост има 3,48 отсто, Бранка Лозо од Домино 2,56 отсто и Нико Токиќ Картело, независниот кандидат, 0,80 отсто.
Актуелниот претседател на Хрватска, Зоран Милановиќ, кој според излезните анкети победува во првиот изборен круг со повеќе од 51 отсто поддршка, им се заблагодари на гласачите на социјалната мрежа Фејсбук.
„Ви благодарам на сите за поддршката“, напиша Милановиќ.
Во Хрватска денеска се одржа последниот чин од таканаречената суперизборна година – осми избори за претседател на државата – се одржа првиот круг од претседателските избори, по парламентарните избори во април и европските во јуни, на кои учествуваа осум кандидати.
Се гласаше на нешто повеќе од 6.500 избирачки места, а право на глас имаа 3.762.224 гласачи.
Од независноста на Хрватска, Фрањо Туѓман и Стјепан Месиќ беа претседатели во два мандата. По еден мандат освоија Иво Јосиповиќ и Колинда Грабар Китаровиќ. Актуелниот претседател Зоран Милановиќ на овие избори се бори за втор мандат.