Француската крајно десничарска партија Национален собир и нејзините сојузници освоија вечерва најмногу гласови, повеќе од 34 отсто, во првиот круг на вонредните парламентарни избори во Франција, покажуваат излезните анкети по затворањето на гласачките места.
На второто место е сојузот на левицата Нов народен фронт со меѓу 28,5 и 29,1 отсто, а на трето место е центристичкиот табот на претседателот Емануел Макрон со 21,5 отсто.
Националниот собир би можел да освои релативно или дури и апсолутно мнозинство во парламентот со 577 места, според излезните анкети.
Агенцијата Елабе во проценката телевизијата БФМ наведе дека Национален собир и сојузниците би можеле да освојат меѓу 260 и 310 места во парламентот во вториот круг на гласањето на 7 јули, додека Ипсос проектира распон од 230 до 280 места за РН и нивните сојузници во анкета за француската телевизија.
За апсолутно мнозинство во Народното собрание, долниот дом на францускиот парламент, потребни се 289 места.
Лидерката на крајната десница во Франција Марин ле Пен изјави дека блокот на Макрон е „практично избришан“.
Французите покажаа „желба да свртат страница од седумте години лоша и корозивна власт“ на шефот на државата, кажа Ле Пен, која освои најмногу гласови во својата изборна единица.
Таа ги повика Французите на Национален собир да му дадат „апсолутно мнозинство“ во парламентот.
Макрон, од друга страна, повика вечерва на „големо демократско и републиканско обединување“ во вториот круг.
„Големиот одзив во првиот круг сведочи за значењето на ова гласање за сите наши сонародници и желбата да се разјасни политичката ситуација“, кажа Макрон.
„Соочени со партијата Национален собир, дојде време за големо, јасно, демократско и републиканско обединување во вториот круг на изборите“, кажа Макрон веднаш откако беа соопштени резултатите од изборните анкети.
Се верува дека денешната излезност ќе биде највисока од 1986 година, соопшти претходно француски Ипсос.
Агенциите Ипсос и Елабе за државната телевизија претходно оценија дека конечната излезност би можела да биде меѓу 67,5 и 69,5 отсто.