
Извозот на земјоделски производи лани бил поголем за 5,5 отсто во однос на 2024
Зголемен е извозот на земјоделски производи за 5,5 проценти во 2025 година споредбено со 2024 година, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Зголемен е извозот на земјоделски производи за 5,5 проценти во 2025 година споредбено со 2024 година, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Во интервју за емисијата „Аграр“, Трипуновски посочува дека според податоците на Државниот завод за статистика во периодот јануари–октомври 2025 година во споредба со истиот период во 2024 година, извозот на земјоделски производи е зголемен за 5,5 проценти, што укажува на зголемено земјоделско производство во државата.
– Во вториот и третиот квартал имаме сериозен раст во откупот и продажбата на земјоделски производи, вели Трипуновски.
Најавува дека во наредниот период ќе се работи на мерки и политики со цел 2026 година да биде уште поуспешна од 2025 година, нагласувајќи дека македонскиот земјоделски производ е квалитетен и заслужува свое место на европските и светските полици.
– Податоците за извозот се охрабрувачки и претставуваат дополнителен мотив да продолжиме со уште поголема посветеност, оценува Трипуновски.
За кампањата „Македонско најдобро“ вели дека се потенцира важноста на македонските производители на храна и се придонесува кон зголемување на производството на квалитетни земјоделски производи.
– Клучот го гледам во зголемувањето на квантитетот на земјоделското производство. Земјоделците ќе бидат задоволни, бидејќи со поголема продадена количина по единица цена се остварува поголем приход. Ова не се однесува само на домашниот пазар, туку и на извозот на земјоделските производи, вели Трипуновски.