Извлечени телата на двајца од шестмината исчезнати работници кои загинаа по уривањето на мостот во Балтимор

Нуркачите денеска ги извлекоа телата на двајца од шестмината исчезнати работници кои загинаа по уривањето на мостот во Балтимор, објави Ројтерс.

Телата беа извлечени од реката Патапско еден ден откако масивниот контејнерски брод ги загуби погонот и маневрирањето пред да удри во столб на мостот „Френсис Скот Ки“, целосно уривајќи го мостот.

Претставник на полицијата во државата Мериленд изјави дека камионот со телата на двајцата мажи бил пронајден во близина на центарот на урнатиот мост. Тој, исто така, рече дека понатамошните напори за извлекување на посмртните останки биле прекинати поради сè поопасните услови.

Зборувајќи на прес-конференција синоќа, претставникот на државната полиција на Мериленд, полковникот Роланд Батлер објави дека по уривањето на мостот во пристаништето Балтимор, црвен камион, во кој имало тела на двајца мажи, бил извлечен од вода.

Жртвите се 35-годишниот Алехандро Ернандез Фуентез од Балтимор и 26-годишната Дарлин Ранија Ел Кастиљо Кабрера од Дандалк.

Останатите четворица работници кои во тоа време биле дел од екипажот што ги полнела дупките на патот на мостот, биле прогласени за мртви 18 часа по несреќата.

Уривањето на мостот, главната сообраќајница преку пристаништето, го затвори пристаништето Балтимор на неодредено време. Патем, тоа е едно од најпрометните пристаништа на источниот брег на САД.

Претходно во средата, федералните истражители го прегледаа товарниот брод додека екипите за итни случаи ги бараа телата.

Контејнерскиот брод со сингапурско знаме со должина од три фудбалски игралишта, пријавил дека ја губи моќта пред судирот и го фрлил сидрото за да го забави бродот со цел одговорните лица да го запрат сообраќајот навреме.